Во Музејот на градот Скопје , во рамките на „Скопско лето“, неодамна беше отворена изложбата „Патување со Големата мајка“ – ликовни творби на петгодишни деца од градинката „Детска радост“.
Нивните дела се резултат на запознавањето со археолошката поставка во Музејот на градот Скопје, која им овозможила да патуваат низ времето и да дознаат како артефактот од теракота од пред новата ера стигнал во музејската витрина.
Во приказната за Големата мајка-божица децата биле воведени со едукативни работилници во соработка со Институтот за етнологија при ПМФ и со посета на археолошкиот локалитет Тумба Маџари и ателјето на ликовниот уметник Симон Шемов.
Децата ги изработиле своите креации од различни материјали и ликовни техники – темпера, тесто, глина, фолија, колаж, гипсени плочки, порцелански чаши, текстил, кукли…, а за овој проект е направена и сликовница.

Во соработка со „Просветно дело“, редакцијата „Детска радост“ и списанието за најмали „Росица“, според проектираните активности на овој проект, в недела ќе излезе од печат едукативното издание „Патување низ времето со Големата мајка“, кое претставува еден вид сликовница за големи и мали. Во ова издание се претставени сите активности преку кои децата и воспитувачите од оваа градинка истражувале и дошле до базичните сознанија за значењето и симболиката на фигурината „Големата мајка“, правејќи паралела со значењето и улогата на ликот на мајката некогаш и денес.
А на крајот, се отвора уште еден голем предизвик за истражување, инспириран од детското прашање: „А каде е големиот татко“?