Пародирана стварност, нелекторирана држава

Прво: сите што учествуваат сериозно во разговорите за „проблемот за името“, мене ми изгледаат, искрено, како испаднати од страниците на некоја книга со пародична функција: „Дон Кихот“ на пример. Или „Кандид“ на Волтер, на пример, а особено оној негов маестрален лик на интелектуален шарлатан, доктор Панглос, кој со невидена сериозност измислува комични логички проблеми, кои потем ги решава со лесна интелектуална гимнастика, воодушевувајќи ги присутните. Тоа значи дека (за мене) реалноста, особено општествената, е веќе длабоко пародирана. Светот е пародиран свет, посебно врз примерот на „македонскиот проблем“.

Јас веќе напишав: проблемот за името не постои – ни логички ни праксеолошки. Тој е измислен, фиктивен (како што е фиктивен и еден роман), за да се пародира една стварна и постојна, мала Македонија. А пародиската функција (упростено кажано) служи да се исмее некој или нешто. Понекогаш, во книжевноста, таа пародиска функција завршува и со нова и неочекувана форма (како што „Дон Кихот“ неочекувано стана нова мера за романот, а се појави како „проста“ пародија на витешките романи). Тоа, применето врз Македонија значи – дека е сосема можно пародирањето на старата и веќе постојна Македонија да заврши со раѓање нова, квалитетна држава (и тоа не нужно под името „Македонија“), но можно е да се сведе и на обичен цинизам, кој често се меша со пародијата, а оди рака под рака со неа.

А циник (киникос на старогрчки) значи – пес, што значи – можеби нѐ чека песја судбина и песја држава. Второ: нашите колумни се престорија во колумничарење, односно обиди да се говори на една иста тема (името), да се испее една иста нота (на пример, „ми“), ама на два спротивни начина, што не е можно, зашто ако една нота се испее на друг начин станува друга нота. Се однесуваме сите како да сме пред прием на странски колеџ, а наставниците ни задале тема „Како сакам да се вика мојата татковина“, па едните велат – сеедно ми е, ме интересира иднината, а другите – не ми е сеедно, зашто освен иднина имаме и минато („Во корените е впишан изгледот на плодовите од дрвото“).

Така, секојдневно се повторуваме, секој во својот ров. А умен човек еднаш кажува и не повторува, зашто повторувањето е правдање и знак на несигурност. Притоа, другите, пошироки теми, кои ја даваат сликата на целината (крупниот геополитички интерес на Америка и Русија на шаховската табла наречена Балкан), ги ставаме во подредена (наместо во надредена) логичка врска со првата тема. На пример, тоа бегање од сликата на целината (холизам) најдобро се гледа во „заборавањето“ на ФАКТОТ дека нашата татковина веќе се ВИКАЛА Македонија, и немало проблем. Сега има, што значи дека се сменило СФАЌАЊЕТО за тоа што е проблем а што не, и тоа не кај нас, туку кај другите. И тоа е доказ повеќе дека проблемот е политички измислен и произведен со намера.

Во постмодерната доба вистините не само што се откриваат, туку и се произведуваат. Тоа особено важи за политичките вистини, па според тоа и за политичките проблеми. Дури, светската политика денес може да се спореди со една голема индустриска лента за фабрикување проблеми, кои потоа се решаваат, како што се произведуваат болести за да може да се лекуваат, и сето тоа уште да донесе приход. Тоа е диктатот на верниот идол на денешниот обездуховен свет – парите. Разболи па лекувај, произведи проблем па бомбардирај, за да го поттикнеш повторно растот на воената индустрија. Ослободи се од старото оружје, кое е веќе и „забрането“ и нехумано (осиромашен ураниум, на пример), па фати да произведуваш похумани оружја за убивање. За во иднина.

Фабрикувањето „вистини“ и „проблеми“ лесно се докажува. На пример, синтагмата „македонски проблем“ се користи веќе како официјална етикета за, во суштина „грчкиот проблем“ (зашто, за Грците Македонија постоеше во СФРЈ, а сега не). Значи, за светот (а ние тоа сервилно и глупаво го прифативме) проблемот за името е „македонски“ и тоа е веќе првата победа на пародијантите, односно авторите на оваа фарса. Со тоа, тие се веќе еден чекор пред сите наши политички фигури, кои повторувам, изгледаат толку погротескно, колку што посериозно го сфаќаат „проблемот“. Ќе ви дадам пример – кога ја поставувавме Кинегонда во Карлаленд во Драмскиот театар, на едно место, Драган Спасов-Дац, кој го играше Кандид, и мојот драг и, за жал, покоен пријател Бранко Ѓорчев (кој го играше Европскиот крал-баба, инаку гинеколог задолжен за наталитетот на нациите), требаа да разменат приближно ваков бесмислен дијалог: Дац: „Дојдов кај вас, како стручњак за плодност, затоа што не можам да имам деца.“ Бранко: „Ќе морам да земам мала анамнеза.

Ќе ви поставам едно прашање, кое можеби може да ја реши мистеријата со вашата неплодност. Господине Кандид, дали вашите родители имале деца?“ На тоа Дац треба, многу сериозно, како да го играат Чехов, по долго размислување да му одговори: „Мислам дека не“. Само така, сериозно сфатено, тоа изгледаше навистина смешно! Е во таа категорија комични апсурди јас го гледам нашето сериозно сфаќање на преговорите околу нашето име. Или, ако сакате, во апсурдите на еден Ежен Јонеско, кај кого пожарникарот не го допива кафето, затоа што брза, со онаа негова историска СЕРИОЗНА реплика: „Се извинувам господа, но во 11.17 имам закажано пожар.“ Сега и Македонија има закажано пожар.

Што се случи со стварноста, господа, како таа полуде? До вчера зборувавме за подобрување шалтерски услуги и закони за квалитет на животот, а денес зборуваме за тоа дали воопшто (ќе) постоиме и како (ќе) се викаме?! Свесни ли се нашите политичари во каква фарса, во каква травестија, во каква пародија, во каков политички жанр учествуваат? Свесни ли се за режисерите? Свесни ли се за последиците од жанрот на кој е напишан овој западен политички скрипт? Свесни ли се дека пародијата е многу често маска за трагедијата (како кај Серавантес), на пример? Свесни ли се дека ова е само финале на оној неколкудецениски западен геополитички шлагер, кој почна во друг жанровски клуч – мелодрамата?

Тоа беше „црно-бело“ гледање на светот: лоши и добри, како во секоја мелодрама, во која лошите на крајот си одат во матримониум со лошите, а добрите со добрите (секому според заслугите). И зошто однапред прифативме да бидеме лоши? Улогата на виновник во овој наш политички „случај“ е арбитрарна, а не природна! И сосема за крај: тоа пародирање, кога стварноста станува фарса, најдобро се гледа во „сериозноста“ со која прифативме, прашањето на нашиот идентитет (име на народ, јазик, цела една култура) да го разгледуваме како ЛЕКТОРСКО прашање: дали ни одговарало „слеано“ или „разделено“ име. Со тоа покажавме колку сме несериозни – државотворноста не е ортографија (правопис).

Ние не сме НЕЛЕКТОРИРАНА ДРЖАВА. И без разлика што министерот Димитров внимателно рече дека „слеаното“ име што го бараат Грците „не е достоинствено решение“, самиот факт што се спуштивме на ниво за ДРЖАВА да зборуваме како за НЕЛЕКТОРИРАН ТЕКСТ – докажува дека некој од Запад упорно пишува скрипт во кој Македонија не е ни Дон Кихот, ни Санчо Панса, туку само магаре на кое јаваат. За тоа и некои други нешта, следниот пат. Мислам дека ќе стане јасно зошто мојот нов серијал колумни се вика „внатрешни колумни“. „Надворешната колумна“ не само што веќе сите ја пишуваат (и тоа подобро од мене), туку затоа што таа подразбира сериозен, аналитички однос кон „проблемот“. Јас, пак, на пародија ќе одговарам со пародија. Тешко на оној што несериозното го сфаќа сериозно. Станува смешен, а не е свесен за тоа.