Фото Васка М. Младеновска

И покрај тоа што Битола како и голем број други општини, кога станува збор за јавната администрација, е „превработена“ и располага со голем број административни работници, сепак една анализа покажа дека и Битола, како и другите општини во државата, има низок степен на искористеност на средствата од европските фондови.
Причината за тоа е необучената администрација, која едноставно не знае да аплицира за искористување на европските пари, кои поради тоа се враќаат назад, без да бидат искористени. Ова деновиве беше констатирано во Битола на средбата со градоначалничката Наташа Петровска, на која ѝ беа презентирани резултатите од анализата „Капацитетите за искористување и програмирање на ИПА-фондовите на локално ниво“ со посебен акцент за Битола.

Иако најчесто кога се говори за локалната администрација, локалните власти во Битола се трудат истата таа да ја прикажат како професионална, стручна и компетентна, сепак податоците што беа презентирани покажаа дека Битола како град не може да се пофали со висок степен на искористеност на средствата од ИПА-програмата.
– Сите досегашни анализи покажуваат мала искористеност на средствата од европските фондови во Република Македонија. Иако процентот е задоволувачки и изнесува нешто над 71 отсто, сепак тоа не ја прикажува реалната слика на искористеноста на средствата, бидејќи по потпишувањето на договорите, голем дел од тие средства поради неискористување се вратени назад – нагласи директорката на НВО-инфоцентарот, Билјана Бејкова, на средбата со градоначалничката Петровска.
Градоначалничката е свесна за проблемот.

– Токму затоа јас во овој проект, кој го договоривме деновиве со инфоцентарот, гледам проект, кој ќе иницира следни проекти. Тоа беше и причината што го потпишавме овој меморандум за соработка. Анализите на НВО-инфоцентарот за согледување на постојните капацитети, меѓутоа и нивните намери потоа да извршат дополнителни обуки, меѓу другото и на општинската администрација, за нас претставува сериозен предизвик и беше исклучително значајно и перспективно. Очекувам дека во следниот период, општината Битола сериозно ќе ги зајакне своите капацитети и дека навистина ќе бидеме многу поуспешни во добивањето проекти, затоа што сите знаеме дека не само во Битола, туку и на ниво на држава, во изминатиот период многу малку беа искористувани средствата од овие фондови и голем дел од парите се враќаа назад и завршуваа неискористени – вели градоначалничката Петровска.

За што повеќе да се користат средства од европските фондови, претходната локална самоуправа на Битола промовира „Банка на идеи“, во која се слеваа сите идеи на партиското членство и на граѓаните на Битола, кои подоцна требаше да се претворат во проекти со кои ќе се аплицира за европските пари. Но таквата „Банка на идеи“ многу брзо банкротира и престана да работи, бидејќи по преземањето на власта идеите брзо се истрошија, а вработените во „Банката на идеи“ наместо да работат на реализацијата на идеите на граѓаните и да подготвуваат издржани проекти, најчесто работеа на реализација на задачите што ги добиваа од партиското седиште.
Нешто подоцна се формира Одделение за локален економски развој на градот, каде што се вработија исто така партиски кадри, кои наместо да се занимаваат со изработка на проекти и со аплицирање во многубројните европски фондови, целото работно време го трошеа најчесто за партиски активности.
Битола како град немаше многу корист ни од многубројните форуми, на кои граѓаните со своите идеи требаше да ја скицираат рамката за локален економски развој на Битола.
Денес, по смената на локалната власт, Одделението за локален економски развој е мртво слово на хартија, бидејќи раководителката на одделението, која е од ВМРО-ДПМНЕ се одлучи да ја задржи советничката функција и даде оставка.

Тоа што во моментот претставува предизвик е што во тек е ИПА ИИ-програмата, која ќе трае до 2020 година и во која има многу повеќе средства од претходната.
Затоа, според заклучокот на средбата што се одржа во Битола, треба да се вложат максимум напори за да се изградат и да се надградат капацитетите.
– Во моментот политичка волја има, објективно се следат слабостите и добрите страни, а ќе се дејствува и во насока на стратегиска надградба и зголемување на соработката со граѓанскиот сектор, бизнис-заедницата и со другите субјекти за заедничко аплицирање и учество во проекти – посочи Бејкова на средбата во Битола.
Инаку, во проектот за подобра стручна администрација, која ќе знае да ги користи средствата од ИПА-фондовите, покрај Битола, вклучени се и општините Струмица и Тетово, како и градот Скопје.