На неодамнешниот Саем на книгата во Скопје награди за најдобрите изданија меѓу две манифестации доделија и Македонската асоцијација на издавачи и Здружението на издавачите и книжарите на Македонија. Така, Македонската асоцијација на издавачи врачи награди во осум категории, а за нив одлучуваше жирито во состав: писателот Петар Андоновски, креативниот директор Ивица Спасовски и авторот Дејан Трајкоски.
Најдобра едиција е „Лесно читливи лектири“ на „Арс ламина“, За најдобро ликовно-графички уредено издание е наградена сликовницата „Девојче и мече“ од Ване Костуранов („Арс ламина“).

Прво место за најдобри книги за деца и млади доби „Арс ламина“ за сликовницата „Џиновска продавница за фантазии“ од авторката Бистра Георгиева и илустраторката Моника Каретеро. За најуспешен домашен автор е прогласена писателката Румена Бужаровска. Наградата за најкреативно издание ја доби интерактивниот водич „Здраво Скопје“ од авторското дуо „Кокидо“ („Три“).

– Ѝ доделивме и специјална награда за општествена одговорност на „Арс ламина“ за повеќе проекти, донации и спонзорства. За најдобри промотори на читачка култура се прогласени: „Полица“ за кампањата „Читај на екс“, блогот „Кафе и книга“ и Наде Илиевска (од групата на Фејсбук – Размена на книги и книжевни муабети) и Ксенија Николова, инфлуенсерка и авторка на „Култура“. Награда за најдобро саемско претставување доби „Полица“ – велат од МАИ.

Здружението на издавачите и книжарите на Македонија, пак, додели награди во пет категории. Во жирито се: Александар Прокопиев, Иван Џепароски и Лидија Капушевска-Дракулевска. За најдобро оригинално издание е прогласена книгата „Алшар (Светско природно наследство)“, издание на МАНУ, а второ место доби „Безразборна лабораторија“ од Влада Урошевиќ, издание на „Магор“.

За најдобро ликовно-графичко обликување и дизајн на книга-едиција прва награда доби книгата „Поп-глам“ од Златко Глигоров, издание на „Пагома прес“, а во категоријата за најдобро илустрирана книга или сликовница првото место е за „Светот на Биби од А до Ш“. Наградата „Јаков од Камена Река“ за најдобра компјутерска обработка за печат или отпечатена книга ја доби „Културен атлас на исламот“ од Исмаил Р. ел Фаруки и Лоис Ламија ел Фаруки, издание на „Логос-А“, а втора награда доби „Белешки 88-014“ од Тихомир Стојков, издание на „Авант прес“. За најдобар книжар е прогласена Магдалена Стојмановиќ од издавачката куќа „Икона“.