Папата и светицата Мајка Тереза

Воодушевувањето и радоста од историската посета на папата Франциск во нашата држава спласнува. Секако, посетата на поглаварот на Римокатоличката црква и прв човек на Ватикан има подолго значење и не треба да се сфати како секое чудо за три дена. Малата и најбогата држава Ватикан и католичкиот свет претставуваат значаен столб на човештвото, проповедајќи љубов кон човека, заeмно разбирање и хуманост.

Имајќи ги предвид мултиетничкиот и мултирелигискиот состав на нашиот народ, клучната порака што ја испрати папата од централната миса на плоштадот „Македонија“ во Скопје беше за мир, соживот, поголема љубов кон Бога, спокој и чувствителност, со надежи да се надминат стереотипите и повеќе да се почитуваме и да се грижиме еден за друг. Притоа тој ги осуди клеветите, а со тоа и ширењето на лагите и говорот на омраза за дискредитирање луѓе и организации и манипулацијата на јавноста. Папата како еден од најзначајните светски лидери, духовник и миленик на милиони верници и граѓани со добра волја при еднодневната посета на нашата земја ја нагласи и потребата и од мирен и траен соживот што е од големо значење за интеграција со европските земји. Своето обраќање на 7 мај првиот човек на Ватикан, Франциск, не случајно го заврши со несомнена почит кон светицата Мајка Тереза, со која, како што нагласи, треба да се гордееме, бидејќи го восхитила целиот свет со нејзиниот специфичен начин за помош на запоставените, отфрлените и најсиромашните. Папата за Мајка Тереза рече: „Таа сакаше да го изгради својот живот на два столба: на Исус присутен во Ефхаристијата и Исус присутен во сиромасите. Во љубовта што ја добиваме и во љубовта што ја даваме. Тоа се два неразделиви столба, кои го одбележаа нејзиниот пат, ја придвижија, желна и самата да ја смири својата глад и жед“. За време на престојот во Скопје папата положи цвеќе на споменикот на скопјанката Мајка Тереза и го посети Спомен-домот на светицата.

Гонџа Бојаџиу – Мајка Тереза е родена на 26 август 1910 година во тогашното Влашко Маало во централниот дел на Скопје, град на нејзиното детство и младост што таа гордо го истакнуваше: „Јас имам љубов за сите луѓе во светот. Но јас сум родена во Скопје, јас сум скопјанка“.

Како верен католик својата мисија на милосрдието го започнува на 18-годишна возраст кога го напушта Скопје и заминува преку Загреб и Рим за Калкута во Индија од каде што во својата долгогодишна мисија даде многу голем придонес за болните, осамените и сиромашните и со своето христијанско дејствување го обединува светот и ги воздигнува луѓето да ги зачуваат хуманистичките достоинства. За тоа во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир. Во официјална посета на својот роден град доаѓа во 1978, 1980 и 1986 година. Прогласена е за почесен граѓанин на Скопје. Починa на 5 септември 1997 година во Калкута каде што е погребана.

Познато е дека народите во нашата земја успешно ги следат мисијата и делото на Мајка Тереза. За организација и афирмација на разни поводни активности свој посебен придонес имаа и членовите на граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“ формирана при крајот на минатиот век во 1999 година. За претседател беше избран иницијаторот и добриот познавач на нејзиниот живот и дело Стојан Тренчевски, новинар, публицист и добротвор, а основоположници беа познати хуманисти Јорго Ќука, Антон Серечи, Живко Поповски, Драги Аргировски, Живко Кондев и Ремзи Бала. Ќе наведам само неколку значајни остварувања поттикнати од оваа невладина организација. Во чест на нејзиното човекољубие во организација на асоцијацијата се одржуваа Денови на нобеловката за мир и хуманистка Мајка Тереза и се воведе послание со нејзино име што свечено се доделуваше во МАНУ, а први добитници беа папата Јован Павле Втори и првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров. Во феудалната кула во Скопје, асоцијацијата отвори спомен-соба за скопјанката Мајка Тереза и беше свечено откриен споменикот, подарено дело од истакнатиот скулптор Томе Серафимовски и познатиот бизнисмен и хуманист Трифун Костовски. Потоа беше поведена и иницијатива за изградба на спомен-дом и за воспоставување државна награда за хуманост „Мајка Тереза“.

Спомен-домот во центарот на Скопје е изграден по проект на архитектот Вангел Божиновски. Во меѓувреме, Тренчевски подготви и неколку публицистички книги и брошури и радиодрама за мисијата и делото за оваа светски позната хуманистка, како и сценарио за играно-документарен ТВ-филм „По скопските патишта на Мајка Тереза“ во режија на Киро Узунов. Наедно беше воспоставена многу добра соработка со Католичката црква во Скопје со монсињор Церемотиќ, со д-р Киро Стојанов, бискуп скопски и егзарх во Македонија, како и со сестрите од Калкута. И не само тоа, делегација на асоцијацијата имаше средба во Ватикан со папата Јован Павле Втори при што беа врачени книги на македонски јазик посветени на историјатот и делото на Мајка Тереза. Потоа по повод 100-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза папата Бенедик Шеснаесетти ги прими учесницитe на хуманитарниот карван, кои му врачија златен крст со македонски рубини и теракотна икона. Делегација на асоцијацијата во Скопје учествуваше на централната миса на папата Франциск, кој претходно на 4 септември 2016 година во Ватикан Мајка Тереза ја прогласи за светица.

Поради сите овие активности за незаборав, граѓанската организација „Скопјанката Мајка Тереза“ посебно треба да има поцелосна државна поддршка за традиционални и нови активности. Како што истакнуваат, сегашниот прв човек на оваа значајна невладина организација уметникот керамичар, Диме Петрушевски, и почесниот претседател проф. д-р Љупчо Ајдински поради немање средства многу активности згаснуваат. И ова покажува дека во нашата држава се потребни нови модели за подобра одржливост на граѓанскиот сектор. На тоа укажуваат и пораките од Европската Унија дека наместо мали и нови партии е потребно јакнење на невладини граѓански организации.

Авторот е новинар и публицист