Белград – Секој четврти ученик во прва година од средно образование во Србија имал сексуални односи, а на прашањето дали користеле кондом при последниот сексуален однос, четвртина од учениците одговориле негативно, покажало истражувањето на Институтот за јавно здравје, насловено „Однесувањето во врска со здравјето на децата на училишна возраст во Србија“. (Танјуг)

Софија – Патувањата на бугарските државјани во септември 2019 година изнесувале над 653 илјади, или за 3,2 отсто повеќе од истиот период минатата година, најголем број патувања се реализирани кон Грција, 158.300, и кон Турција, 155.600. Но најголемо зголемување на патувањата во однос на септември лани се евидентирани кон Македонија – 16,2 отсто, со вкупно 38.800 бугарски туристи. (БТВ)

Крагуевац – Производствената лента во фабриката за автомобили „Фијат“ повторно е стопирана до 4 ноември, кога работниците се враќаат од платеното отсуство, а новата пауза, која трае од 18 октомври годинава, е резултат на усогласување на производството и побарувачката, како и со деловната политика на ФЦА да не произведуваат автомобили за резерва – соопштија од Самостојниот синдикат во фабриката за автомобили. („Данас“)


Бисер балкански

Недела на југоносталгичарите
– Никој нека не ме уверува во живот, кој не беше таков. Сите поминавме во поранешна Југославија, сите знаеме како беше, сите знаеме како беше да се патува со црвениот пасош, какви понижувања доживуваме, што значеше да се плаќаат депозити… Ако некој е носталгичен кон поранешна Југославија, ајде да воведеме и недела на поранешна Југославија. Знаете кој најмногу ќе профитира? Јас лично. Затоа што ако кажете нешто против мене, ќе завршите на Голи Оток – хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ при доделувањето на наградата „Фулбрајт“ во Вашингтон, кога спомена дека таа живеела зад Железната завеса.