Загреб – Хрватска влегува во битка за инвестицијата од милијарда евра, откако германскиот производител за автомобили „Фолксваген“ се откажа од отворањето на фабриката во Турција, по нејзината воена офанзива во Сирија. Својата кандидатура за добивање на оваа инвестиција ја обновија Србија, Бугарија и Романија. („Вечерњи лист“)

Белград – Амбасадорот на Република Србија во Москва, Мирослав Лазански, ја најави набавката на новите ПВО-системи за потребите на војската на Србија и најавил „фантастично изненадување што ќе се случи за три дена“, пренесуваат српските медиуми. Лазански не сакал да открие дали станува збор за системите „панцир“, кои, според неофицијални информации, биле понудени по поволни услови. („Србија данас“)

Софија – Бугарија до 2050 година ќе загуби четвртина од денешната популација, меѓутоа и сите околни држави ќе губат население во следните децении. Драматичниот пад на бројот на населението во земјите од Југоисточна Европа, најмногу поради иселувањето на младите, ја загрозува способноста на овие земји да го одржат постојниот систем на социјална заштита, предупредија од Обединетите нации. („Фокус“)