Паника

Глобалистите се во паника. Нивниот Рајх е на стаклени нозе. „Длабоката држава“ на САД, Европската Унија ина НАТО, трите столба на глобалистичкиот свет полека, но сигурно ’рѓосуваат. Оние што сакаат да владеат со светот, животот и со имотите на луѓето, кај кои е деведесет и пет проценти од планетарното материјално богатство, кои речиси секаде си октроираа свои политичари, таканаречени корисни идиоти за да одработуваат за моќта и парите, а оние непослушните ги уриваа, укинуваа или бомбардираа, сега се соочуваат со фактот дека нивното зло им се удира од глава. Зошто е тоа така? Јас и Ричард Хас гледаме различно на причините. Тој е типичен претставник на глобализмот. Јас сум антиглобалист и суверенист. Тој е моќ, јас сум идеалист. Е па, ајде да ги судриме аргументите.

Глобалистите се во паника. Франција е пред нова револуција, на народот му пукна филмот. Велика Британија наскоро ќе замине од Европската Унија, сеедно што ЕУ-бирократите од Соросовиот платен список, се надеваат дека нема тоа да се случи. Британците знаат дека мора да се напушти бродот што тоне. Падна глобалистичкиот режим и во Италија. Унгарија и Полска ја зацврстуваат својата сувереност. Летаат политички шлаканици по обидите на Брисел да им се меша во внатрешни работи. Се закануваат и со излегување од Унијата. Излегоа „жолти елеци“ и во Португалија.
И како реагираат забеганиве глобалисти? Се фаќаат, нормално, за Русија. Путин им е крив. Утре Могерини ќе „попие корпа“ од некој дечко, па ќе слушнеме на мејнстрим-медиумите дека рускиот претседател ѝ се мешал во приватниот живот. Во меѓувреме, ја хушкаат Украина да влезе во војна со Русија. Тоа е нивната тактика. Војна единствено може да ги спаси. Сеедно дали на Балканот или светска војна. Затоа што се луди. Хаосот во Украина е нивно злосторство, сеедно што лажат дека Русија е виновна. Не однесе Русија снајперисти да пукаат во луѓето на „Мајдан“. Знаеме чии луѓе беа тоа. Излегоа по медиуми, си признаа. Ниту пак Путин инсталира профашистичка влада во Киев. Еве го сега Порошенко, пред избори со катастрофален рејтинг. Единствен спас му е да нема избори, па ја турка Украина во безумна војна со Русија. „Длабоката држава“ и ЕУ го направија хаосот во Украина. Се сеќаваме на сендвичите на Викторија Нуланд и чајчето на Кетрин Ештон. Ама откако ја дестабилизираа државата, сосема ја заборавија. Важно им беше да има нестабилност околу границите на Русија. Ветуваа пари за Киев, ама Украинците добија шипак. Кој не се испекол од нивните лаги и лицемерство, не знае. И еве го сега Ричард Хас, наместо да бара зајакнување на економијата на Украина, тој предлага вооружување на Киев. Нека изгори Украина во војна, баш им е гајле, ним им е само важно да има планетарен хаос, да се оттргне вниманието од нив и мирно да си владеат со светот додека врескаат за злото од Москва.

Ова нивно однесување ние најдобро го знаеме. Не можат со моќната Русија, Франција им гори, Италија, Унгарија и Полска се надвор од контрола на Брисел и Сорос, Британија си оди, ама затоа мамата мамина ѝ ја расплакаа на Македонија. Ни покажаа кој е силен, а кој мал и беспомошен. Си октроираа своја власт, ни поништија референдум, поразените ги прогласија за победници, си стокмија преку „балкански методи“ двотретинско мнозинство, ни укинаа име, идентитет и историја и… и во мај ќе си одат од власт, затоа што ќе бидат збришани на европските парламентарни избори. И кога по поразот ќе си ги лижат раните, гордо ќе можат да заклучат – ја изгубивме Европа, Трамп на клоци нѐ крева од Америка, ама на Македонија мајка ѝ расплакавме. Да се знае кој е силен.

Глобалистите се во паника. Се руши нивниот светски поредок во кој тие се господари, а сите други марионети, потрошувачи и робови. И каде ги гледа господин Хас нивните грешки и можните решенија да си ја одржат империјата? Не требало брза демобилизација на НАТО по Студената војна. А-ха, демек ако НАТО беше супермобилизиран, сега ќе маршираа низ Москва. Ќе го бомбардираа непослушниот Орбан. Ќе го пратеа Столтенберг во Лондон да ѝ залепи пар шлаканици на кралицата. Многу интелигентно решение. Ама, па, глобалистиве освен со сила и уцени не знаат поинаку. Или видете му го муабетот за Франција. Растел популизам кај левицата (читај, антиглобалистичка левица и десница) „што е резултат на народот, кој едвај врзува крај со крај и ги отфрли новите даноци без разлика на нивната оправданост“. Генијално! Ем народот не може да врзе крај со крај, ем даноците што им ги натовари Макрон, на сета нивна мака, биле оправдани. Народот нека скапе, ама дури не цркне нека им плаќа данок на богатите. Оти, факт е, ги превеслаа Французите со пропагандата против национализмот на Ле Пен, па им го наместија банкарот Макрон. Кој веднаш ги укина даноците за богатите и внесе законски привилегии на банките. Е ама, Французите не се до толку мазохисти како Македонците.

А решението на Ричард Хас за Британија? Погрешно било што му се дозволило на простото мнозинство да одлучува на референдум. Па нормално, што има глуп народ да одлучува? Таа привилегија треба да ја имаат само Клинтонови, Хас, Могерини, Хан и нивните другарчиња од корпорациите, банките, воената и фармацевтската индустрија. Е па, ајде укинете ја демократијата како политички систем! Еве, хистеричните Соросови активисти можат да направат обоени револуции низ цел свет и да врескаат „нема правда, нема мир“ додека „небањатите“ имаат право на глас. Секако тие ќе одлучат кои се „небањати“, а кои фини, ем убави луѓенца.

За крај ќе споменам уште едно „генијално решение“ што го нуди колумнистот лево. Стопирање на гасоводот Северен тек 2 со кој директно би се носел гас од Русија. Итно да го спроведете ова. И да увезете поскап гас од друго место. Како ќе го плаќате? Ќе им ги зголемите даноците на граѓаните, откако прво ќе им го одземете правото на глас. Ако се побунат, се знае, ќе им ги пуштите бомбардерите на НАТО.

Глобалистите се во паника. За нивните планетарни метастази, 2019 година ќе биде многу непредвидлива. Суверенизмот се засилува во Европската Унија. „Длабоката држава“ се суши, станува плитка баричка полна видлива жабокречина. А ние Македонците ќе останеме без идентитет, историја и корен, затоа што првпат во историјата сме на погрешната страна во војната што веќе се одвива пред наши очи.