Облачињата секогаш биле разиграни и весели. Го прескокнувале виножитото. Со Сонцето играле криенка, а тоа им се лутело,зашто не сакало да мижи! Најмногу сакале да играат брканица. Играта била многу весела, зашто Ветрето секогаш сакало да ги брка

Над една недалечна земја, на едно недалечно небо живееле: тато Облак, мама Облачица и седум дечиња Облачиња.
Тоа големо семејство имало голема куќа од сино стакло, проѕирна и чиста, со бели врати, бели прозорци и бел покрив. Околу куќата имало голема градина и во неа многу цвеќиња: рано напролет цутеле кокичиња и бели ѕвончиња, потоа бели лилјани, бели рози, бели гладиоли, бели ради, наесен бели ѓурѓини и бели хризантеми. Оградата била сета од грмушки бел јасмин и бел јоргован, а среде градината ширел гранки и еден голем бел јоргован.

Облачињата секогаш биле разиграни и весели. Гледајќи удолу ги беа научиле сите детски игри. Знаеле да скокаат, не со јаженца или ластик, зашто на тоа недалечно небо немало ниту јаженца ниту ластик. Но затоа го прескокнувале виножитото. Со Сонцето играле криенка, а тоа им се лутело, зашто не сакало да мижи! Најмногу сакале да играат брканица. Играта била многу весела, зашто Ветрето секогаш сакало да ги брка.

Облачињата имале една верна другарка. Се викала Ѕвездена. Чудесна била малата Ѕвездена. Сите ѕвездички од големото ѕвездено небо дење спиеле, а Ѕвездена никогаш не можела да заспие. Мајка ѝ ѝ велела дека така нарекле наречниците: „Новородената ѕвездичка“, рекле, „ќе биде послушна и со блескава душичка, ама не ќе може да заспие сѐ додека не здогледа црвен цветец“.

И така, како што рекле наречниците, Ѕвездена ноќе светло светела, никогаш не мижуркала и често нејзините сестрички ѝ завидувале кога мама ќе ја пофалела: „Гледајте ја Ѕвездена, деноноќно е будна, ама никогаш не трепнува“! И додека забелувал денот, а ѕвездите изморени се готвеле за дневен сон, Ѕвездена молела:
– Мајчице, можам ли ја појдам до Облаковци? Да поиграм со Облачињата?
– Можеш – ѝ велела мајка ѝ – само да не се премориш многу. И помогни и на мама Облачица. Таа секогаш има многу работа. Не е лесно да се грижиш за седум деца. А и тато Облак постојано работи во убавата цветна градина.

Ѕвездена брзала накај сино-белата куќа. Нејзината расветлена душичка полека губела од светлината, зашто веќе светнувале првите сончеви зраци.
– Добро утро, јасно Сонце!

-Добро утро сребрена убавице! Што би правел јас да те нема тебе? Кога јас изгревам, сите ѕвезди се втонати во длабок сон, само твојот сребрен глас ме поздравува. Кај Облаковци ли си тргнала? И јас ќе дојдам, ама подоцна, кога ќе се изморам од мојата светителска работа.
Ѕвездена ја минала белата патека, се искачила по широките бели скали и застанала пред белата врата. Било уште многу рано и вратата била затворена. Го притиснала белото копче:

– Дин-дон – се слушнало ѕвончето и набргу излегла мама Облачица.
-Добро утро! Еве јас подранив…
-Добро утро, убавице ѕвездолика! Време е да ги разбудиш моите спанковци. Качи се горе – во спалната. Брзам во кујна, млекото да не претече.

Ѕвездена се искачила до спалната на Облачињата. Тие уште спиеле во седум бели креветчиња, покриени со седум бели ќебенца. Сѐ во спалната било бело, на подот бела јамболлија и бели тантелести завеси на прозорците – растреперени од лесен повев.

– Ајде спанковци, време е за станување – плеснала со дланките Ѕвездена. – Сонцето огреало! Набргу ќе дојде да играме криенка.
– Ѕвездена! Ѕвездена ни дојде! Каков чудесен ден! – извикале Облачињата.
Скокнале од креветчињата, набрзина се облекле, се измиле, си ги суредиле креветчињата и така бушави се стрчале во кујната. Таму мама Облачица и Ѕвездена веќе беа приготвиле појадок: секому по шолја млеко, бел леб и парче бело сирење. Појадувале, а потоа мама Облачица рекла:
– Појдете во градината и помогнете му на тато. А откако ќе ја завршите работата, ќе поиграте.

– Што да ти помогнеме тато – прашале затрчани во градината.
– Земете гребла и средете ги патеките, а Ѕвездена ќе ги окопа белите ради.
Сите дружно работеле, сѐ до времето за ужинка. Тогаш дошла мама Облачица, па сите седнале во сенка под белиот багрем и се почестиле со големи шампити.
– Гледајте, доаѓа Сонцето! Ќе играме криенка! – извикале Облачињата.
– Ќе играме! – рекло Сонцето – ама сакам Ѕвездена прва да мижи, во скутот на мама Облачица.

Ѕвездена се нурнала во скутот на мама Облачица и фатила да брои:
– Еден, два, три,
Сонцето се скри!
Каде си се скрило,
Сонце, Сонце, мило?!
Еве сега јас
ќе те најдам вчас! Готово!!!
Ѕвездена тргнала да бара.
-Хи-хи-хи – се кикотеле Облачињата.
-Тука е!… Тука е!… Тука е!
Ѕвездена барала, барала, барала, а Сонцето се криело, де зад едното, де зад другото Облаче. Најнакрај, кога веќе третпат се скрило зад седмото Облаче, Ѕвездена го нашла и играта – завршила.

– Еве скоро ќе е пладне. Треба да појдам да го преполовам денот – рекло Сонцето. – Утре пак ќе дојдам – ветило и си заминало.
– Да играме брканица – посакала Ѕвездена.
– Кој ќе брка?
– Нека брка, нека брка – кој што праша – викнала Ѕвездена.
Тој час Ветерот ги подбркал Облачињата и тие се распрснале низ сината ширина.
– Доста се палавите – викнала мама Облачица. – Од играчка – ќе стане плачка!
Облачињата и Ѕвездена, занесени во играта, не ја слушнале, бркајќи се така, се сопнале, едно по едно испопаѓале и си ги удриле коленцата. Заплакале. Јадри солзи се стркалале удолу.
– Гледај заврна! – се израдувало едно девојче, кое живеело под тоа недалечно небо и го отворило своето црвено чадорче.
– Леле, чудо – извикало најмалото Облаче. – Расцутел еден црвен цветец!
Сите погледнале удолу. И Ѕвездена погледнала. Кога го здогледала црвениот цветец, почувствувала некаква чудесна леснотија во длабочината на својата ѕвездена душичка.
– Добра ноќ, мили мои другарчиња, бели Облачиња – шепнала и втонала во длабок сон.
Тато Облак ја кренал на раце, ја однел во големата сино-бела куќа, во едно од седумте бели креветчиња. Мама Облачица ја покрила со меко бело ќебенце. Палавите Облачиња се прибрале околу неа – бели, меки и скротени…
– Пст, молкни Ветре, ѕвездичката Ѕвездена спокојно нека го сони својот прв сон…

Бистрица Миркуловска
(Од книгата „Далечни проблесоци“)