Емил Павлов (десно) на ЕП во Гвадалахара

Имав добар настап со три победи и еден пораз во полуфиналето, во кое сметам дека бев оштетен од судиите, вели двократниот европски првак Павлов

Македонскиот каратист во борби Емил Павлов (до 60 кг) и каташката Пуликсенија Јованоска, денеска ќе се борат за бронзениот медал на 54-то Европско првенство (ЕП) во Шпанија (508 учесници од 51 држава), кое до недела се одржува во шпанскиот град Гладалахара.
Многу блиску третпат да се бори за златниот медал беше штипјанецот Павлов, кој во борбата за влез во големото финале загуби со 0-2 од Русинот Евгени Плахутин, откако очигледно беше оштетен од судиите, кои не видоа чист преден маваши (удар со нога во глава), што се бодува со три поени. Претходно Павлов ги елиминира, Словакот Рене Адлер (0-1), Србинот Марко Антиќ (1-0) и Црногорецот Ненад Дуловиќ (4-2). Павлов за бронзениот медал ќе се бори со Романецот Флорин Гоголоси.

– Имав добар настап со три победи и еден пораз во полуфиналето, во кое сметам дека бев оштетен од судиите. Со Романецот сум се борел досега на татамите и неколкупати сум го победил, а еднаш и загубив. Ќе дадам сѐ од себе да ја освојам бронзата и на тој начин да се закитам со уште еден медал од ЕП, по златните во Тампере и Нови Сад – оптимист е Павлов Пуликсенија Јованоска, пак, за бронзата во кати ќе се бори со Французинката Александра Ферачи. Прилепчанката беше прва во четвртата група со 23,8 поени (16,66 + 17,4), а трета во втората фаза со 23,98 поени (16,66 + 7,32).

Од другите каратисти во борби, за забележување се настапите на Берат Јакупи (до 84 кг) и Наташа Стефановска (до 61 кг), кои стигнаа до четврт-финалето. Вчера беше екипното натпреварување во борби во машка и во женска конкуренција. Каратистите (Спасеновски, Исмаил, Арсовски, Османи, Весели) во 1-то коло го совладаа Израел (2-0), во 2-то коло Данска (3-1), но во 3-то коло беа поразени од силната Шпанија (1-3). Каратистките (Радичевска, Заборска и сестрите Стефановски), пак, се бореа вчера попладне.