Неверојатно кинеско истражување

 

Повеќе од 4.600 археолошки артефакти и 3.500 гробници се пронајдени за време на изградбата на метро-линијата во близината на познатите кинески војници од теракота, во градот Сијан во Кина. Работниците што ги копале новите линии на метрото на две градилишта, кои се протегаат на 76 хектари, откриле голем број археолошки остатоци. Станува збор за продолжението на метро-линијата кон аеродромот во тој град, а сега голем број археолози ги истражуваат тие градилишта, објави Бирото за културно наследство на кинеската провинција Шенси.
– Бројот на остатоците е огромен и археолошкото наоѓалиште на кое се работи е исклучително големо – велат археолозите.
Градот Сијан низ историјата бил седиште на 13 кинески династии и бил престолнина на Кина во текот нa 1.100 години. Бидејќи тој град моментално е еден од главните сообраќајни јазли и во него забрзано се работи на инфраструктурата, зачестени се и археолошките наоди. Од почетокот на изградбата на новите линии на метрото, лани во април се пронајдени повеќе од 1.300 стари гробници за кои се претпоставува дека потекнуваат од времето од 6 до 10 век.

– Во Сијан, пред да започне некој проект за изградба, па дури и пред државата да продаде одредена парцела, прво се изведуваат археолошки истражувања, што е реткост во Кина – рекол Ванг Жили од Институтот за заштита на културното наследство на Сијан.
Секоја година во тој град се откриваат повеќе од 100 археолошки наоди. Тие наоди ги покриваат сите периоди на кинеската историја, од човечките прапочетоци, до династијата Чинг, последната владетелска династија во Кина. Војниците од теракота, светски познатата колекција од повеќе од 7.000 верно прикажани скулптури, исто така се наоѓаат во близината на овој град. Војниците од теракота се наоѓаат во гробницата на првиот кинески цар Чин Ши Хуанг, кој ја обединил Кина во третиот век. Откриени се во 1974 година, а се смета дека се погребани заедно со царот за и по смртта да има војска со која ќе заповеда.