Фото: Дарко Андоновски

Би сакале да видиме пропорционален изборен модел, воведување една изборна единица. Тоа беше дел од нашата програма пред изборите, но за овие прашања е потребен консензус меѓу политичките партии, е ставот на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, што наедно е и став на владејачката партија СДСМ

Од расправата за измени на Законот за избори сѐ погласно и сѐ почесто се пласира идејата во Македонија да се излегува на избори во една изборна единица, а сѐ погласно се размислува и за воведувањето на принципот на преферницијално гласање, односно на отворена изборна листа. Преференцијалното гласање, т.е. пропорционалниот изборен систем со отворени листи, им дава можност на граѓаните, освен гласот што го даваат за политичкиот субјект, да гласаат и за поединечните кандидати од листата на тој субјект. Бројот на мандати што ги освојува политичкиот субјект зависи од бројот на гласови, како и досега, додека, пак, пратеничко место ќе освојат оние кандидати од листата што ќе добијат најмногу индивидуални гласови (преференцијални гласови). Ова значи дека граѓаните ќе имаат можност да го изменат распоредот на кандидати на листата предложен од политичките партии. На тој начин ќе се демократизираат партиите однатре и, што е најважно, ќе се зголемат конкурентноста, иновативноста, стручноста и приливот на напредни идеи што носат прогрес. Истовремено, избраните функционери ќе имаат поблиски релации со гласачите, односно базата, и ќе им одговараат ним, а не на партиските врхушки.

Би сакале да видиме пропорционален изборен модел, воведување една изборна единица. Тоа беше дел од нашата програма пред изборите, но за овие прашања е потребен консензус меѓу политичките партии, е ставот на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, што наедно е и став на владејачката партија СДСМ.
Од СДСМ и понатаму велат дека не отстапуваат од предлогот што го ветија и во предизборната програма, но со воздржаност дека не зависи само од нив туку и од другите партии. Од ДУИ бараат темелна анализа во која ќе бидат опфатени општествените карактеристики на земјата за промена на изборните единици и додаваат дека во моментов постојниот модел се покажал како попретставителен во споредба со другите изборни модели. Од ВМРО-ДПМНЕ велат не коментираат додека траат преговорите меѓу власта и опозицијата за измена на изборното законодавство. Големите партии бараат компромис во воведувањето изборен праг од 3 отсто освоени гласови. Но овој, според помалите партии, е понедемократски од постојниот изборен систем.

– Една изборна единица е подобра опција за помалите политички партии и ги зголемува нивните шанси за освојување место во Собранието. Според сегашниот пропорционален модел, со шест изборни единици, помалите партии ги губат гласовите освоени во една изборна единица ако во неа не успеат да го минат прагот за освојување мандати. Со моделот на една изборна единица, некоја помала партија би имала можност да ги кумулира сите гласови и да освои место во парламентот. Но на тој начин би дошло до ситнење на партиите, постизборните коалиции ќе станат поважни, но и покомплицирани, па ќе биде потешко да се состави влада – вели политикологот Петар Арсовски.

Откако во Македонија е воведен повеќепартискиот систем досега не бил применет изборниот концепт на една изборна единица. Од осамостојувањето до 1998 година се применуваше мнозинскиот изборен модел. На парламентарните избори во 1998 година е применет мешан изборен модел, според кој 80 пратеници беа избрани според мнозинскиот модел, додека за 40 мандати беше применет пропорционалниот начин на пресметка на гласовите. Од 2002 година, парламентарните избори во Македонија се спроведуваат според пропорционален модел со затворени листи, односно партиите го одредуваат редоследот на кандидатите и гласачите одлучуваат само на која изборна листа ќе го дадат својот глас. Од 2006 година пропорционалниот изборен модел е дополнет со директен избор и на тројца пратеници од дијаспората, кој потоа е модифициран со условот дека тие (пратениците од дијаспората) треба да освојат две третини од просечниот број гласови на пратениците во Македонија, кој изнесува 8.000 гласа. Тоа значи дека кандидат за пратеник од дијаспората треба да освои 6.000 гласа за да добие место во македонското собрание. Во зависност од тоа дали има пратеници од дијаспората се менува мнозинството во парламентот. Односно бројот на пратеници може да биде од 120 до 123, а мнозинството да изнесува 61 или 62 пратеници. Во сегашната состојба, македонскиот парламент има 120 пратеници (нема пратеници од дијаспората), а мнозинството е застапено со 61 пратеник.

Опцијата на отворени изборни листи претставува можност за гласачите, покрај одлуката за една изборна листа, да имаат право да заокружат и одреден кандидат од таа листа. Постојат повеќе модели на преференцијално гласање, во зависност од кои гласачите ќе можат да се одлучуваат за преферирање на од 2 до сите кандидати на листата.

– Пред каква било одлука, треба да ни биде јасно дека за примена на преференицијално гласање во изборниот систем е потребно еманципирано гласачко тело. Постојат многу варијанти модели на преференцијално гласање, односно на изборниот принцип со отворени листи. Можностите за влијание на гласачите во редоследот на кандидатите на листата ќе бидат утврдени според изборниот модел што ќе биде прифатен. И покрај моделот на отворени листи, би можело да биде утврден фиксен бројот на пратеници што ќе добијат мандати според редоследот што го понудиле партиите. На пример, 50 отсто од добиените мандати ќе им припаднат на оние кандидати за кои одлучила партијата, другите 50 отсто според процентот на преференцијални гласови од избирачите. Друг пример би можел да биде начинот на кој се спроведуваат парламентарите избори во Грција. Таму се применува пропорционалниот модел, со тоа што партијата што добила најмногу гласови на изборите автоматски добива плус 25 мандати, со што се олеснува формирањето влада. Навистина постојат многу модели на гласање со отворени листи – појаснува аналитичарот Петар Арсовски.

Сепак, Арсовски констатира дека на големите партии во Македонија им одговара досегашниот изборен модел (пропорционален со шест изборни единици) и дека се секогаш во добивка со примената на Донтовиот модел на пресметка на гласовите.
– Изборните модели треба да овозможат ефикасност на изборите и правична застапеност на волјата на гласачите. Една изборна единица со отворени изборни листи, секако, претставува поголема демократичност на изборите и поголема застапеност на волјата на гласачите, но, од друга страна, ја комплицира ефикасноста во постизборното составување влада – истакнува политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Фото: Дарко Андоновски