Во галеријата на Младинскиот културен центар е отворена изложбата „Времиња“ на НикоЛа Пијанманов. На самостојната изложба на сликарот Пијанманов се изложени триесетина слики. Изложбата насловена „Времиња“ прави пресек или неизбежен допир помеѓу годишните циклусни времиња видени низ перспективата на пејзажот и историските човечки појави, кои се повторуваат како сон во кој личноста е историски отуѓена од целината, од природата.

– Тоа е една бројгеловска визија со следењето на годишните етапи во пејзажот или, поточно, поетика блиска на тишината во сликите на Каспар Давид Фридрих, каде што осаменоста е осмислена еднаш засекогаш преку присуството на чудесните шуми, езера, облаци и полиња. Дрвото е центар во овој интимен свет на пејзажот и преку него се откриваат промените што следуваат во есента, зимата или пролетта. Кај човечките фигури, пак, и портретите, времињата не можат да ги променат судбините на ликовите и нивните трагедии и слабости се повторуваат бесконечно. Во некои од пејзажите, тивко и речиси незабележливо се случуваат големите човечки драми, Христовите страдања.

Но фигурите тука се впиени во пејзажот, речиси стопени во тешките модри облаци, кои ги растопуваат формите – стои во каталогот. Уметникот Владимир Георгиевски запиша еднаш за неговите слики: „Низ линијата и површината, низ таинствените капки на бојата, капнати од четката, низ светлината и темнината, сликарството што имав можност да го видам, го доживувам како громогласна тишина. Јасна е определбата на сликарот – пред недофатливата убавина на природата со вознес да затрепери структурата на внатрешната визија и во неа трагичната, отсутна присутност на човекот!“ Ова е седма самостојна изложба на ликовниот уметник Никола Пијанманов.