Светскиот ден на лицата со посебни потреби, 3 Декември, со заедничка работилница го одбележаа учениците од ОУ „Кузман Јосифоски-Питу“ и учениците од дневниот центар за лица со попреченост од Кичево. Се изработуваа новогодишни честитки и до израз дојде креативноста на учениците и нивните гости од дневниот центар.

– Светскиот ден на лицата со попреченост во нашето училиште го одбележивме со заедничка работилница, во која беа вклучени наши ученици и десетмина ученици од дневниот центар за лица со попреченост од нашиот град. Целта ни беше да ги доближиме учениците со правилен раст и развој до децата што ја немале таа среќа во својот живот, да ги инклудираме во редовните активности во училиштето, да ги израдуваме за новогодишните празници и заедно да го одбележиме овој ден. Нашите ученици несебично ги прифатија овие деца, а децата со посебни потреби беа пресреќни што се дел од овој настан, за што најдобро зборуваше нивната широка насмевка – вели Анета Божиноска, директорка на основното училиште „К.Ј.Питу“ од Кичево.

За попријатен престој на учесниците во работилницата се погрижија спонзорите од градот.