Меѓународната соработка е воспоставена, со љубов и знаење треба да се чува и негува, вели Димкоски

Младиот македонски поет Филип Димкоски неодамна го посети училиштето и со наставничката Снежана Станојловиќ реализираа работилница и јавни блок часови по македонски јазик. Учениците добија и книги од познати македонски писатели и други подароци

И оваа пролет во основното училиште „Велко Влаховиќ“ во Нови Сад, Србија, се одвиваа активности во рамките на меѓународна соработка со Македонија. Младиот македонски поет Филип Димкоски неодамна го посети училиштето и со наставничката Снежана Станојловиќ реализираа работилница и јавни блок часови по македонски јазик. Учесници во работилницата беа ученици од второ и од четврто одделение што посетуваат настава по македонски јазик. За оваа пригода Филип Димкоски од Македонија донесе голем број книги, кои македонските книжевници и поети ги подарија за учениците и за наставничката Снежана Станојловиќ.

Меѓу застапените автори се: Бистрица Миркуловска, Славка Арсова, Вера Самарјанин, Вера Андон, Ели Маказлиева и Саво Костадиновски. За возврат, Националниот совет на македонската заедница во Србија и овој пат го испрати списанието за деца „Ѕуница“. Еве како се одвиваше часот и какви беа реакциите на децата. По поздравувањето на македонски јазик, следуваше квиз преку кој учениците покажаа колку научиле за Македонија и за македонскиот јазик на претходните часови. Се опишуваа македонското знаме и грбот, се читаа македонската химна и песната „Родниот јазик“ (Видое Подгорец). Се одгатнуваа македонски зборови.

Најуспешните ученици беа наградени со книги. Во вториот дел од часот следуваше кратка интерактивна вежба со наслов „Кој сум, што сум, од каде сум“ на која учениците го покажаа своето знаење во елементарната комуникација и однесување кон другите на македонски јазик. Третиот дел од часот беше посветен на современата македонска книжевност за деца. Се разгледаа книгите донесени за подарок и се читаа песни од истите тие. Се разговараше за подарените книги и за авторите што ги пратија книгите по Филип Димкоски. Секој ученик доби понекоја книга на подарок, а на крајот од овој дел Филип Димкоски прочита две свои песни од најновата книга за деца. Сите прочитани песни, учениците пробуваа да ги преведат или да ги прочитаат по свој избор. Најуспешните беа наградени. На песните од Димкоски со еколошка тематика, се надоврза четвртиот дел од часот, на кој се разговараше за будењето на природата, пролетта и за мартовските празници, кои традиционално се одбележуваат во Македонија. Учениците научија кои се тие празници, а нивните имиња ги запишаа во своите тетратки (Денот на жената, Ксантика, Младенци).

Во петтиот дел од часот следуваше самостојна активност – доработка на честитки за мајките по повод Денот на жената. Во завршените честитки, учениците на македонски испишаа краток текст – порака за мајката, кои ги однесоа дома за да им ги подарат на мајките. Работилницата што се однесуваше на одбележување на Ксантика (кога и зошто се одбележува) реализирана е во шестиот дел од часот. На учениците им беа поделени наставни ливчиња на кои со илустрација и со стих е објаснет поимот „мартинки“ (што е тоа, за што служи, во каква врска е со пролетта). Секој ученик на подарок доби мартинка, а потоа од добиените конци во црвена и бела боја, учеа да плетат мартинки што си ги подаруваа едни на други.

Седмиот дел од часот беше посветен на традиционалната македонска песна. Ученичката Тамара Мрѓиќ од четврто одделение на виолина ја отсвири песната „Биљана платно белеше“ во чест и благодарност на сите автори што подарија книги и на гостинот Филип Димкоски. По краткиот разговор за песната „Биљана платно белеше“, учениците ја пееја веќе научената песна „Македонско девојче“. Работилницата заврши со оро во ритамот на македонската песна. Колку блок часовите беа интересни и успешни, докажуваат насмевките и огромното интересирање на учениците, како и тоа што учениците не сакаа да си заминат дома, ни по два часа поминати на ваков начин. Го покажаа знаењето стекнато за само еден месец посетување на ваквите часови. Меѓународната соработка е воспоставена, со љубов и знаење треба да се сочува и да се негува. Овие ученици знаат како. Ф.Д.