Пријателите на легендарниот гитарист, композитор, поет и лидер на групата „Екатерина Велика“, основаа фондација „Милан Младеновиќ“. Членови на управниот одбор се: Зоран Костиќ-Цане, Миливое Петровиќ-Мишко Плави и Ненад Миловановиќ, како и членовите на регионалната награда „Милан Младеновиќ“ – Васил Хаџиманов и Александар Жикиќ.

Наскоро ќе биде распишан конкурс за оваа награда, од областа на музичкото творештво, што ќе биде доделена на 21 септември, на роденденот на култниот музичар.

Починатиот пејач на „ЕКВ“, Милан Младеновиќ, имаше исклучително влијание на рок-сцената во некогашна Југославија во 80-тите и 90-тите години од минатиот век. Низа млади бендови денес се под негово влијание, а во регионот има и неколку трибјут-бендови кои го чуваат споменот на „ЕКВ“.

Инаку, по Белград и Подгорица, и неговиот роден Загреб доби улица што го носи неговото име.