Енергетскиот пијалок и кај возрасните и кај децата може до таа мера да ја стимулира работата на срцето, што тоа почнува да работи со
забрзан ритам, може да се појави тахикардија, која може да биде екстремна. Во една таква забрзана работа, механизмот што ја контролира фреквенцијата на срцето може поради недостиг од кислород, бидејќи тоа брзо работи, сосема да ја наруши работата на срцето, да се појават аритмии, во некои случаи, за жал, и таканаречени малигни аритмии, кои се животозагрозувачки, вели токсикологот Андон Чибишев

Зошто токсиколозите не одобруваат консумација на енергетски пијалаци

Во трка со времето и физичката неможност да се завршат обврските, во ситуации да се зголеми концентрацијата и подолго да се остане буден, а дополнително и при екстремно високи температури, многумина користат енергетски пијалаци. Енергетските пијалоци се создадени да се консумираат со цел да се поттикне целиот организмот да функционира подобро, да размислува подобро и побрзо и подобро да реагира. Енергетските пијалоци ја поттикнуваат функцијата на сите органи во организмот. Токсиколозите велат дека тие се така креирани најјако дејство да имаат на мозокот на централниот нервен систем, на виталните органи, пред сѐ на срцето и на бубрезите. Она што ги загрижува е фактот дека полека станува тренд сѐ помлади, па дури и деца да консумираат енергетски пијалоци и предупредуваат на опасноста по здравјето и животот кога енергетските пијалоци се комбинираат со алкохол. По неколку испиени енергетски пијалоци неодамна почина тринаесетгодишно момче во Загреб и сега тамошните лекари укажуваат на опасноста од енергетските пијалоци врз детскиот организам, а стручни лица се надеваат дека наскоро ќе се продаваат по строго одредени правила.
Нашиот токсиколог Андон Чибишев не ја одобрува консумацијата на енергетските пијалоци ниту за возрасните, а камоли за децата. Додава дека енергетскиот пијалок во услови кога некој има ковид-19 може само дополнително да му го исцрпи организмот, но секако потребни се дополнителни истражувања, кои треба да се направат, за да се утврдат можеби и некои други тешкотии или компликации што можат да настанат.

– Јас, како клинички токсиколог, не се согласувам ниту возрасни да ги консумираат енергетските пијалоци, а не, пак, лица под 15 години. Исклучиво се опасни за деца под 15 години, кои, за жал, во последно време имам информации дека некој одвратен тренд се создава, ги комбинираат со алкохол, а тука е најголемата опасност. Што е тоа што може да се случи, алкохолот во мало количество го стимулира централниот нервен систем, нели со малку испиен алкохол сме еуфорични, весели, зборуваме, но кога малку ќе претераме со алкохол неговото дејство од стимуланс се претвора во депресор, значи тој депресивно дејствува на централниот нервен систем, особено на центарот за дишење, како и сите депресори. Е сега, претпоставувам енергетски пијалок плус алкохол, енергетскиот пијалок бидејќи е стимуланс ќе го замаскира дејството на алкохолот и ако има консумирано консументот, во случајов дете од 13 години, количество алкохол што за него е големо, а можеби за некого е безначајно, но децата се чувствителни на алкохолот, ќе се рефлектира неговото штетно дејство на центарот за дишење и може да се случи трагедија, да престане да дише тој што го консумирал, а притоа да не дава никакви знаци дека престанал да дише и дека умира. Одвратна е комбинацијата и одвратни се ефектите што ги дава таа комбинација – објаснува токсикологот д-р Андон Чибишев.
Според него, само енергетскиот пијалак и кај возрасните и кај децата може до таа мера да ја стимулира работата на срцето, што тоа почнува да работи со забрзан ритам, значи може да се појави тахикардија, која може да биде екстремна. Во една таква забрзана работа, механизмот што ја контролира фреквенцијата на срцето може поради недостиг од кислород, бидејќи тоа брзо работи, сосема да ја наруши работата на срцето, да се појават аритмии, во некои случаи, за жал, и таканаречени малигни аритмии, кои се животозагрозувачки. Во неколку основи, во неколку правци енергетските пијалоци може да дејствуваат многу штетно на човечкиот организам, многу штетно на здравјето, многу штетно на виталните функции на организмот. За деца тоа е за пет класи посериозно, особено ако се комбинира со алкохол.

– Енергетските пијалоци се на база на големи количества кофеин и кофеинот е тој што доминира во составот, иако има и други хемиски супстанции, но тој е основата. Што правиме ние, стануваме сабајле и пиеме кафе за да се разбудиме, но во кафето има ограничено количество кофеин што пријатно може да дејствува, но енергетските пијалоци имаат голема концентрација кофеин, кој знае да направи големи проблеми. Особено кај некои што имаат некаква основа на некое срцево заболување или покачен крвен притисок, тогаш ефектот се потенцира. Ние не можеме да претпоставиме дали некое дете има некоја срцева мана или некое срцево заболување од предходно, па со енергетскиот пијалок само ќе се потенцира штетното дејство врз работата на срцето. Порано, но и сега уште има случаи кога дел од нашите пациенти ги злоупотребуваат седативите, еден до два „лексилиуми“ и „дијазепами“ од пет и од шест милиграми и тоа го залеваат со алкохол, најчесто со вотка, тоа им е како проверена комбинација, а не знаат дека можат да си заминат од овој свет. Еден ако проба и каже на другите, после тие се љубопитни и сакаат да пробаат, експериментираат.

Тоа е тренд, енергетски пијалоци со алкохол и алкохол и седативи, тоа е погубно кога ќе донесат деца со нарушена свест. Доаѓаат пациенти на секаква возраст, од 14 години, па нагоре. Инцидентите со енергетските пијалоци што ги носат кај нас не се многу чести зашто не стигнуваат кај нас, бидејќи обично им помагаат таму кај што ги пијат, ама можат да станат многу чести – смета д-р Чибишев и додава дека витамински пијалок не може да му наштети никому или со некои од витамините не може да се предозира.
– На пример витамин Ц, знаете дека во пандемијава имаше земање четири илјади милиграми на ден, немаат никаков ефект, организмот го искористува во количество што нему му е потребно, си прави процена колку му требаат, другиот дел организмот го исфрла бидејќи се раствора во вода, но доведува до промена на цитостазната рамнотежа, киселоста на телесната течност, а организмот функционира под одредена киселост на телесните течности, која ако почне да се менува може да предизвика многу сериозни нарушувања на работата на бубрезите на срцето и може да го загрози животот и затоа многу внимаваме на концентрација на електролити, натриум, калциум, калиум, магнезиум, фосфор и на цитостазниот статус – дополнува д-р Чибишев.