Нуклеарните оружја станаа симбол на машката моќ. Во изминатите неколку месеци, Ким Јонг и Трамп јавно се фалеа за „големината“ на нивните копчиња и за моќта на нивниот арсенал. За да не остане зад нив, Путин ја уверуваше Русија дека всушност тој ги поседува најмоќните нуклеарни оружја

Беатрис Фин

Како застапничка на идејата за повлекување на нуклеарното оружје, ќе зборувам отворено за ова прашање. Во светот постојат 15.000 нуклеарни боеви глави и нивното елиминирање значи да им се каже вистината, поточно горчливата вистина на властите. Во тој контекст, ќе бидам категорична: денешните лидери се премногу емоционално нестабилни за да им се доверат светските нуклеарни резерви.
Како што му соопштив на Нобеловиот комитет лани, кога ја примив Нобеловата награда за мир во име на мојата организација, Меѓународната кампања за укинување на нуклеарните оружја, нуклеарното оружје го споредив со тоа како „некој лудак да ви држи постојано пиштол на слепоочница“. Всушност имаме лудаци што го држат чкрапалото.
Од причини што не сакам да ги замислам, нуклеарните оружја станаа симбол на машката моќ. Во изминатите неколку месеци, севернокорејскиот диктатор Ким Јонг-ун и американскиот претседател Доналд Трамп јавно се фалеа за „големината“ на нивните копчиња и за моќта на нивниот арсенал. За да не остане зад нив, рускиот претседател Владимир Путин го искористи своето годишно обраќање пред парламентот за да ја увери Русија дека всушност тој ги поседува најмоќните нуклеарни оружја. Тој го поддржа своето арогантно фалење со фантастични анимации што прикажуваа колку „се непобедливи“ неговите проектили.

Осум од деветте нуклеарни држави во светот во моментот ги предводат мажи. Британија е единствениот исклучок

Ќе имаше помала загриженост ако реторичката војна беше сведена само на социјалните медиуми. Но сите тројца лидери се склони да носат избрзани одлуки што влијаат врз обичните луѓе. На пример, Трамп наводно почна катастрофална трговска војна затоа што бил „збунет“ и убеден за време на еден состанок со директорите во челичната индустрија дека добра идеја е да се наметнат царини. Што ако Трамп беше на состанок со агресивни политичари што сакаат да извршат превентивен нуклеарен напад на Северна Кореја или да го вовлечат Иран во конфликт? Бидејќи сега Џон Болтон е советник за национална безбедност, ниту едно сценарио не е толку нереално како она од пред неколку недели.
Не сакам да почнам војна меѓу половите. Нуклеарните оружја се опасни без разлика кој ги контролира. Ниту сакам да кажам дека сите мажи на висока функција се нестабилни. Во историјата постојат неколку мудри и визионерски шефови на држави. Но останува фактот што на чело на осум од деветте нуклеарни држави во светот во моментот се мажи (Велика Британија е единствениот исклучок). Судејќи по однесувањето на тројца од овие лидери, нуклеарното оружје во светот е во раце на застрашувачки импулсивни луѓе.

Во големо искушение сум да ја припишам нивната дрска реторика на биологијата. Можеби тие генетски се однесуваат како насилници и непромислено вербално напаѓаат кога се ранети или под закана. Мислам е тешко да се потиснува вистинската природа. Но сексистичко би било да им се прости на Ким, Трамп и на Путин на оваа основа и не станува збор за прашање на пол. Прашањето е за постоењето на самите оружја. Низ историјата, далеку поразумните лидери го доведоа светот на раб на нуклеарна војна и многумина не успеаја да го спасат. Не сум многу сигурна дека таквата претпазливост денес може да важи.
Нуклеарното оружје не смее да им се остави на каприците и на идеите на диктаторите, автократите и на демократски избраните претседатели без разлика на нивниот пол. Конфликтот меѓу нуклеарните држави би предизвикал незамислива катастрофа, а според Меѓународната федерација на Црвениот крст и на Црвената полумесечина би било невозможно човекот да реагира на тоа. Со оглед на ризиците, како тогаш да постапиме во иднина? Постои еден одговор, а тоа е целосно да се уништат нуклеарните оружја.

Повеќе од седум децении, лидерите на нуклеарните држави се потпираа на нестабилното соединение на страв и на среќа за да го заштитат своето население од целосно уништување. Но нема секогаш среќата да им биде наклонета, па, така, во одреден момент случајно или намерно лансирање нуклеарно оружје може да предизвика светска катастрофа. Особено поради тоа што со најголемите (САД и Русија) и најнепредвидливите (Северна Кореја) нуклеарни држави раководат лидери со кревки ега, постојат големи шанси да се оствари сценариото за крајот на светот.
Светот може да исчезне само со една објава на Твитер преку Пацификот упатена од еден „сенилен старец“ до „човекот-ракета“. Никој не треба да поседува таква моќ во неговите (или нејзините) раце. Време е на сите да им ги одземеме овие оружја пред да настрадаме од најнепромислените лидери.

Авторката е извршна директорка на Меѓународната кампања за укинување на
нуклеарните оружја, организацијата што лани ја доби Нобеловата награда за мир