Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и градоначалникот на општина Желино Блерим Сејдиу направија увид во изведувањето на градежните работи за водовод и резервоар за вода. Општината е една од локалните самоуправи, кои, преку Министерството за транспорт и врски, ги користат средства за изградба на капитални инвестиции од Европската инвестициска банка (ЕИБ).

– Постојано ги повикуваме градоначалниците на општините да ги искористиме другите средства од Европската инвестициска банка од над 12 милини евра се за да ги подобриме условите на сите граѓани. Работиме на тоа да имаме покриеност со водоводи и канализации на целата територија. Во моментов, во десет места во Македонија се спроведуваат вакви проекти во вредност 3,3 милиони евра. Исто така, склучени се десетина договори за 4, 4 милиони евра, а уште 3,9 милиони евра или осум проекти се во тендерска постапка. Во нареден период овие проекти ќе направат зголемување на она што ќе значи подобрување на условите на овие луѓе што живеат во општините – рече Сугаревски.

Со проектот за Желино сите 18 населени места ќе добијат водовод.
– Моментално цевководот е во трета фаза со изведба. Се прави главен цевковод за снабдување со вода на сите 18 села. Од целата сума, 150 илјади евра се на општина – рече градоначалникот Сејдиу.
Целокупниот износ за изведување на водоводот е 665 илјади евра.