Лидерката на опозициската БСП, Корнелија Нинова, достави предлог до бугарското собрание платите на пратениците од сегашните 3.540 лева да се намалат на 2.976 лева, како и драстично да се намалат одморите. На ова следуваше реакција во владејачката ГЕРБ обвинувајќи ги социјалистите за евтин популизам.
Според политикологот и поранешен пратеник, Минчо Христов, поважно прашање од висината на платите на народните пратеници е како тие работат и дали гласаат за лоши законски решенија.
– Што ако тие имаат високи плати и поради тоа нема да бидат корумпирани. Воопшто, зошто Корнелија Нинова дури сега се одлучи на овој чекор. Јас би го поставил и прашањето за високата државна субвенција за политичките партии – изјави тој во емисијата на БТВ.

Основната дилема во бугарската јавност е прашањето за соодносот меѓу висината на просечната пензија од 200 лева и пратеничките бонуси од 4-5 илјади лева.
Новинарката Кристина Крстев смета дека времетраењето на годишните одмори на пратениците треба да биде намалено, но не и висината на платите, бидејќи тие се изложени под влијание на повеќе фактори.
– Ако во Бугарија пратенички плата е трипати повисока од просечната, тогаш во Италија пратениците добиваат плата пет пати повисока од просекот. Сепак, таму и приходите и трошоците се повисоки и не може да се зборува за споредба – заврши Крстев.
БСП го поднесе овој предлог, но 85 отсто од социјалистите се молат овој предлог да не помине во Собранието, вели пратеникот на ГЕРБ Маноил Манев.
– Тоа што другите ќе останат без плата, тоа што ќе се наруши балансот во секторот – не е важно за БСП. За нив е важно да си направат евтин пиар. Ако луѓето сакаат сиромашни пратеници нека си гласаат за нив – категоричен е пратеникот.