Албанската опозиција побара итно разрешување на министерот за внатрешни работи Фатмир Џафај, како „личност одговорна што неговиот брат Агрон Џафај е на слобода“.
Освен оставка на министерот, лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, побара Обвинителството да го конфискува имотот на неговото семејство, бидејќи се „јасен субјект на законот против мафијата“.

Според Баша, Фатмир Џафај како министер за внатрешни работи го попречувал спроведувањето на законот против мафијата, со кој стекнатиот имот на лица членови на криминални групи се запленува и се води истрага, а доколку се утврди дека е стекнат од криминални активности, тој се конфискува.
– Ова е единствен случај во светот каде што министерот одговорен за спроведување на законот против мафијата и самиот е субјект пред законот. Фатмир Џафај треба прв да подлежи на овој закон, треба да се води истрага за сите негови преземени и непреземени активности, како резултат на кои неговиот брат осуден во отсуство во Италија на 7 години и 2 месеци не минал ни ден во затвор. Затоа тој треба да си замине веднаш – побара Баша.