Опаѓа ли американската светска хегемонија?

Натамошниот развој на настаните што директно имаат врска со одредувањето на степенот и нивото на американската светска хегемонија, на која светот не само што е навикнат туку и очекува да продолжи, ќе ја потврди или демантира тезата на Калецки дека промашувањата во политиката на Доналд Трамп ќе го зацврстат неговиот политички рејтинг и ќе му обезбедат уште еден претседателски мандат на следните избори

Едно е сигурно дека глобалната меѓународна политичка слика за оваа втора деценија од 21 век ќе остане запаметена по недефинираната и неконзистентна улога и влијание во неа, на една од водечките светски велесили САД, и тоа благодарение на конфузната концепција и улога во водењето на државата во сите сегменти од страна на нејзиниот актуелен, 45-ти по ред претседател Доналд Трамп. Никогаш во американската историја нејзините меѓународни стратегиски и економски цели не биле помалку јасни и поневпечатливо поставени отколку сега, констатира Анатол Калецки, угледен и познат економски и политички коментатор и колумнист на весниците „Њујорк“ и „Фајненшл тајмс“. Ваквиот свој заклучок тој го засновува врз дискрепанцата меѓу вообичаено бомбастичните и претенциозни јавни изјави на претседателот Трамп за водечката улога и место на САД во светот и конкретните резултати од таа политика во реалниот живот и односите и соработката на САД и „остатокот од светот“.

Навистина, Калецки во случајов во преден план го има економскиот аспект на „погубната“ меѓународна политика на американскиот претседател, по воведувањето на неговите веќе фамозни тарифи во трговската размена на САД со некои земји, вклучувајќи ја Народна Република Кина – земја сѐ позначаен фактор во американската трговска размена со светот, чии евтини производи се сѐ поприсутни на американскиот пазар, загрозувајќи го на тој начин американското домашно производство, што во земјата генерира невработеност и социјална несигурност. Но едновремено Калецки пак не пропушта да укаже и на последиците од примената на тие мерки и таквата политика врз другите глобални, безбедносни и воено-стратегиски сегменти за САД, но и за Европа и светот воопшто. Од конфузните и често противречни државнички постапки на Трамп, вели Калецки, не се збунети само американските граѓани, нив тешко ги прифаќа и пошироката меѓународна јавност, која секогаш очекува она што ќе го преземат или направат САД на надворешен план да има издржано значење и смисла и да биде универзален политички репер за однесувањето и политиките на најголем дел земји од западната хемисфера или таканаречениот Запад.

Со Трамп и неговите најчесто контроверзни постапки на меѓународната политичка и дипломатска сцена, американското лидерство е доведено во сериозна опасност, смета коментаторот на „Тајмс“, а од друга страна, констатира Калецки, доминантната американска светска хегемонија како да го губи своето првобитно традиционално значење и ги загрозува американските и западните интереси, но и политичкото место и улага на САД воопшто во светот. Притоа Калецки ги наведува и многуте примери кога за одредени мошне важни актуелни меѓународни прашања и проблеми, американскиот претседател декларирал соодветни ставови, од кои потоа (а за некои и мошне бргу) се повлекувал или целосно се откажувал. Таков е примерот на американските позиции со војната во Сирија, повлекувањето од иранската нуклеарна програма, преговорите за демилитаризација на Северна Кореја, уредувањето на американско-руските односи, односите со Турција и уште некои други не помалку важни меѓународни прашања. Да го споменеме само и експресното повлекување на најавените американски тарифи за увоз во САД на производите дури и на земјите од Европската Унија.

Сепак, во тој контекст единствено по малку зачудува уверувањето на Калецки дека овие очигледни државнички промашувања и политички гафови на американскиот претседател му носат или можат да му донесат зацврстување на неговите позиции како претседател на САД кај домашната, но и во светската јавност. Исто така Калецки смета дека „Трамп, можеби е идеолошки протекционист, кој верува дека американските трговски дефицити се еден вид кражба и дека странците треба да се казнат со царини и ембарга. Но тој пред сѐ е политичар што веројатно сфаќа дека царините ќе им нанесат штета на американските потрошувачи. Колку е поблиску американската економија до целосна вклученост, толку се поголеми трошоците за американските потрошувачи од протекционизмот за разлика од кинеските извозници“.

Можноста дека една ваква непрагматична меѓународна политика може да обезбеди позитивни политички поени, како што мисли Калецки, треба да се прифати со одредена резервираност и сомнение, какви што на Запад генерираат политиката и односот на Трамп во врска со укинувањето на ембаргото и санкциите на Запад кон Руската Федерација заради нејзината инволвираност во руско-украинскиот воен конфликт и неговиот личен однос кон рускиот лидер Владимир Путин и руската вмешаност во изминатите претседателски избори во САД.

Сенката од решавањето и епилогот на овие важни, да не кажеме витални безбедносни и стратегиски прашања за САД, во американската јавност, во американската администрација и кај политичкиот американски естаблишмент, уште долго ќе го следи Доналд Трамп и ќе ги детерминира траењето и успешноста на неговата државничка кариера, како што во тоа ќе имаат влијание и натамошните чекори во решавањето и на важните економски и социјални внатрешни американски проблеми и прашања, вклучувајќи ги и оние од економско-трговската сфера.

Натамошниот развој на настаните од овој домен што директно имаат врска со одредувањето на степенот и нивото на американската светска хегемонија на која светот не само што е навикнат туку и очекува да продолжи, ќе ја потврди или демантира тезата на Калецки дека промашувањата во политиката на Доналд Трамп ќе го зацврстат неговиот политички рејтинг и ќе му обезбедат уште еден претседателски мандат на следните избори.