Фото: Игор Бансколиев

Вметнување „временска рамка или клаузула“ што ќе се однесува на евентуалното идно решение околу наметнатиот спор за името помеѓу Грција и Македонија беше новиот момент од последната рунда разговори во Охрид помеѓу шефовите на дипломатиите Никос Коѕијас и Никола Димитров. И како поим, значење, но и како суштина на што точно таа клаузула би можела да се однесува и какви последици би имала, временската рамка (временска клаузула) со право предизвика жолчни полемики. Викендов во јавноста излегоа низа реакции и ставови во врска со размислувањата за вметнување т.н. „временска рамка“ при решавањето на спорот, која практично не само што го одложува туку навлегува и многу длабоко, загрозувајќи ги најсуштествените идентитетски прашања. Да потсетиме, професорот на Правниот факултет Љубомир Фрчкоски кон крајот на минатата недела изјави дека временска рамка би можело да се употреби во делот од преговорите каде што постои „проблем што не може да се реши“ веднаш, односно дека тоа се однесува на прашањето за „промена на македонскиот устав“. На тој начин, професорот истакнува дека т.н. временска клаузула за одложена промена на „насловот на Уставот“ веројатно би била компромис поднослив за двете страни.

– Имаме два односа на промена на Уставот. Едно е промена на насловот на Уставот. Тоа е Устав на Горна Македонија, наместо Устав на Република Македонија, како што е сега. Друго е промената внатре во Уставот. Тие се две позиции што паралелно, порадикално или помалку радикално, се споменуваат во Грција. Се споменуваат и некои членови, на пример чл. 3 и чл. 49, а ја споменуваат и преамбулата. Јас мислам дека тој дел од промените внатре во Уставот нема да се отвори, дека Уставот како таков текст ќе остане кохерентен. Промената ќе се адресира на насловот на Уставот, тој ќе биде во формулата и двете страни на некој начин ќе се најдат во решението – вели тој. Во тој контекст, професорот Фрчкоски изрекува свој став, во кој тој има впечаток дека главно во ваквите „решенија што се наѕираат, ние сме ги задоволиле нашите позиции“.

Но ваквите ставови наидоа на остри реакции од страна на низа соговорници, професори и политички аналитичари, кои со право решително ги отфрлаат гореспоменатите ставови на професорот. Во аргументациите на експликациите по повод ставовите на професорот Фрчкоски, соговорниците истакнуваат дека токму ова прашање е од највисок национален и историски интерес, односно дека каква било промена на Уставот значи менување на идентитетскиот фундамент на нашиот народ.

Фото: Емил Јовановиќ

– Решителноста на оваа влада да го смени името на државата во замена за брзо членство во НАТО е несомнена. Иако пред себе го има најлошиот предлог од сите претходни, таа покажува неверојатен оптимизам пред она од што би се исплашила и повлекла секоја друга власт, затоа што не станува збор за стандардно политичко или надворешнополитичко прашање, туку за прашање од највисок национален и историски интерес. Токму поради ова, на власта ѝ треба легитимација што ќе ја добие од (одредени) експертски и/или академски кругови. Во таа смисла, професорот Фрчкоски се надминува себеси со „креативните“ толкувања на Уставот, чиј наводен автор бил [sic!?]. А и просечен студент на право знае дека „авторски права“ врз устав може да има само законодавниот дом, претставничкото тело на граѓаните. Уставот е општествениот договор врз чија основа се воспоставува политичка заедница, во вид на држава.

Неверојатната леснотија со која Фрчкоски објаснува дека „нема ништо лошо да се случи“ ако во одреден временски период се смени „насловот на Уставот“ е тешко да се коментира од научен аспект, бидејќи станува збор за политикантска и пропагандистичка теза – истакнува професорката Билјана Ванковска. Во тој контекст, професорката Ванковска истакнува неколку суштински, научно фундирани ставови. – Прво, уставите немаат „наслов“ (ниту насловна страница) – тие се повелба на суштествените односи во државата, особено оние помеѓу човековите права и политичката власт и помеѓу носителите на политичката власт, чии рамки ги детерминира токму уставот.

Второ, промена и на една запирка во тој текст значи отворање постапка за промена на Уставот, за што на крајот е потребно двотретинско мнозинство. Трето, прифаќањето „временска рамка“ за промена на Уставот (поточно, уставното име) е само еуфемизам за една одложена „смрт“ и ако се прифати ваквото барање на Грција, тоа не е ништо друго туку подлегнување под надворешен притисок, кој е рамен на мешање во внатрешните работи на една суверена држава. Но Фрчкоски одамна зборува дека Република Македонија нема класичен, туку (некаков) „мек суверенитет“ – па, затоа веројатно му се чини дека тој инвалиден суверенитет може да стане уште помек, т.е. дека е аморфен во таа мера што може да се моделира во согласност со надворешнополитичките приоритети или барања. Доколку се прифати вакво одложено менување на Уставот, тоа значи дека оваа генерација политичари им го одземаат сувереното право на идните генерации да одлучуваат за тоа во каква уставна заедница сакаат да живеат.

Тие такво право немаат! – заклучува Ванковска. Жестока реакција по повод т.н. временска рамка по која би се пристапило на менување на македонскиот устав изрази и нашиот соговорник и колумнист Александар Русјаков. – Приказната „Фрчкоски и Уставот“ станува неподносливо здодевна, но и бесмислена како да ставиш евнух среде оргија. Но во протекторат, на некои луѓе може и Фрчкоски да им заличи како некој чиј збор држи и значи. Заев во Европската Унија за две минути би завршил како Санадер (за „Глобал“) или како Талер (за „Поткуп“), а Фрчкоски би завршил како кратка и неинтересна варијанта на Харви Вајнштајн, со таа разлика што Харви има сторено и нешто креативно во животот. Ама во гротеска каде што Заев е власт, Катица Јанева суд, а интелектуалната бижутерија и црвената буржоазија глумат авангарда, и Фрчкоски може да биде уставен експерт.

Како што Заев го демантира Зоран, така и Фрчкоски заборава што пишувал Љубомир, а што зборувал Данаилов. Јас не знам зошто воопшто треба да се коментира човекот што ни ги донесе Хунзите како Антички Македонци и наши предци, а потоа врескаше дека ни се случувала антиквизација? Па, тој ако денес тврди дека требало да се смени само „насловот на Уставот“, веќе утре, ако треба да се спинува, ќе ни објаснува дека за нас всушност е проблем „фуснотата на преамбулата“, а задутре, во зависност од нарачателите, ќе најде иредентизам во „антигрчките уставни запирки“. Зошто побогу на жива и здрава Силјановска, некој би сакал да се занимава со Фрчкоски, освен заради фактот дека тој треба да одработи терен за некое ново антиуставно и антидржавно злосторничко здружување против Македонија и македонскиот народ – коментира Русјаков.

Во секој случај, во низата реакции за промена на насловот, Уставот и употребата на алатката наречена „временска клаузула“, сублимирајќи повеќе издржани ставови, се истакнува дека називот на една држава, Уставот, па ако сакате „и во неговиот наслов и во содржината“, односно името, се јавува како есенцијален елемент на нејзиниот правен персоналитет, државноста и народот во неа. Во меѓународното право јасно е дефинирано дека принципите на суверената еднаквост на државите и неповредливоста на нивниот правен персоналитет водат кон заклучокот дека изборот на името е неотуѓиво право со кое тие се идентификуваат она што се. Надворешното мешање во ова основно право е недозволиво и недопуштено. Македонија несомнено ќе влезе во историјата и како држава што успеала да опстои и покрај толку неправди, уцени и подметнувања… Во таквиот контекст на работите, да не се дозволи самите да направиме нешто што може да нѐ разнесе идентитетски како народ и како држава, што подоцна како штета ќе биде ненадоместлива.