Ученици и наставници од ООУ „Владо Тасевски“ од Скопје, од вчера до петок се ангажирани во вториот дел на меѓународниот проект „Мобилност“ – Свот Скаутус, чиј прв дел се одржа во Шпанија.

– Во Шпанија, во рамките на „Мобилност 1“ беа реализирани активности посветени на свесноста и перцепцијата на сопствените емоции и дејства. Децата беа вклучени во заеднички курикулумски часови, со фокус на развивање на емоционалните вештини и заедно ги минуваа миговите за споделување на емоционалното искуство, а истовремено дознаа нешто повеќе за културната разновидност и наследство во Алмерија и Гранада. Учениците од „Владо Тасевски“ ја посетија шпанската амбасада во Скопје, а пред своите училишни другари го одбележаа Денот на Шпанија. Во „Мобилност 2“, организаторите и реализаторите активностите ги посветуваат на осознавање на чувствата и насочување кон позитивни реакции: емпатија и позитивна комуникација. Јакнењето на емоционалната интелигенција треба да им помогне во справувањето со проблемите во секојдневието и за создавање позитивна клима за учење – велат организаторите.

Токму затоа, македонските и учениците од Шпанија, Италија и од Хрватска заедно ќе учат за емпатијата, ќе творат на ликовни платна, ќе готват и ќе вкусат автентична македонска храна, ќе ги учат кирилицата и македонското оро, ќе се дружат во прошетките низ Скопје, Охрид и Тетово и ќе ги истражуваат внатрешните можности и потреби.

– Сето тоа децата ќе го запишат во емоционалниот дневник што ќе им помогне да се развијат подобро, да се справат со емоционалните предизвици, да се подобрат и да ги постигнат своите цели и при носење вистински решенија и одлуки. Тоа културно ќе ги збогати како личности и ќе ги зајакне интеркултурните односи и соработка со децата гости од Шпанија, Хрватска и од Италија, истовремено зголемувајќи ги нивните јазични компетенции и дигиталната писменост – ни открија ангажираните наставници во проектот.

Главни учесници и реализатори на настанот се: Елка Даскалова, Виолета Панев, Билјана Јованова и Билјана Ингилизова. Ученици вклучени во проектот се: Стефан Марковски, Димитар Џонов, Срна Георгиевска, Ања Јаковска, Софија Давиткова, Емилијан Кипријанов, Мила Јовановик, Бисера Христовска, Јоана Чанговска, Елена Трајкова, Илијана Буховски, Ева Крстик, Петар Пројкоски, Марко Јовановиќ, Екатерина Секованиќ, и други деца вклучени во локалната мобилност Даниел Тренчески, Каја Василева, Стефан Мојсеов, Бисера Стојковиќ и Борјан Ангеловски.

– Среќни сме што проектот се проширува и опфаќа уште повеќе наставници и ученици во локалните активности на „Мобилност 2“, на кои сме им благодарни. Ни се приклучија и наставниците од одделенска и предметна настава: Слободанка Бадаровска, Марица Бакоч, Билјана Павлеска, Марија Туџарова, Соња Деловска, Емилија Василева, Елизабета Сакоман, Цветанка Бораниева, а административно и зад сцената тимот е поткрепен од Виолета Бомбол, Ташко Гочев, Цветанка Бораниева и Бранко Тренкоски – ни рекоа носителите на овој меѓународен проект.