Создавањето минијатурни, бајковити градини од скршени саксии изминатиов период прерасна во вистински тренд, кој мора да го има во секој со љубов уреден двор.
Доколку некоја од земјените саксии случајно ви се скрши, немојте да ја фрлате, сега ќе имате можност да ѝ дадете нова, уште попрекрасна намена, односно со малку креативност и фантазија ќе добиете фантастична декорација за вашиот балкон или градина.

Делчињата што ви останале од скршената саксија соберете ги на едно место и добро размислете како ќе ги искористите, важно е само да не ви се поткрши дното, за да можете да ја наполните со земја.

За овој проект „направи сам“ потребни ви се голема фантазија и џуџести растенија, кои нема да растат многу големи и високи, така што за ваква креација се идеални кактусите, џуџестите дрвца, јапонското дрво на парите, мов, потоа камчиња во различна форма, големина и боја. Од дрвени стапчиња и жица направете си мини-столови и масиче, некоја клупа, мала дрвена куќичка, а сигурно низ домот имате и стари порцелански фигурини, кои можете да ги користите како декорации. Можностите се многубројни, а од вас зависи каква креација ќе направите.

Вака декорирана саксија ќе биде интересен додаток за вашиот двор или балконот, пред сѐ поради нејзиниот необичен изглед.

Доколку се одлучите да ја направите, правете го тоа надвор, за да не си направите неред во домот, или доколку го правите тоа дома, правете го врз некоја картонска, најлонска или платнена прекривка за да си го заштитите домот од земја и прав.
Во големиот дел од саксијата ставете земја и почнете скалесто да ги редите помалите искршени парченца од саксијата за да формирате скалести нивоа. Подгответе ги и селектирајте ги билките и растенијата што ќе ги засадите. Прво засадете ги поголемите, а потоа и помалите растенија. Добро притиснете ги во земјата за да се зафатат корените. Остатокот од просторот пополнете го со камчиња и мов, а доколку имате поголема саксија, можете да ставите и дрвени или порцелански декоративни елементи.

Па, така, со вашата случајно скршена саксија ќе добиете нов декоративен агол во вашата градина или на балконот.