Низ страниците на литературата за деца: „Слики од детството“ на Александар Кујунџиски

Имаше пролетни и есенски денови во кои Багарица не надоаѓаше бескрајно лута и разбеснета. Таа посмирена, и ние – посмирени. Иако нејзините матни дотеци беа „попевливи“, поткренати и над два метри од просекот на нејзиниот вообичаен тек, без застој и без некој поголем нерешлив проблем, се провлекуваше под нашите дрвени мовчиња.

Распоредени на неколкуте најзначајни патчиња, кои продолжуваа од едната на другата страна на населбата, со „бродски под“ во „нормални услови“ ми беше мошне забавно да ги минувам, чекорев по нив без секаква тешкотија – ако беше потребно – и по неколкупати во текот на денот. Но, вака, кога нивните штици ги „галеше“ речниот матеж, премините преку нашите мостови не ме следeа со нужното спокојство. Ме тревожеа, не да не, кога морав – со помала или со поголема непријатност – претрчував преку нив. Во првата насока – со поизразит страв во панталоните и во кошулата, а за назад – поопуштено.

А кога Багарица ќе земеше залет и ќе фатеше да надојдува „преку мера“, кога нејзините матни води ќе ги надминеа „границите на дозволеното“, течеше и ги заплиснуваше дури и ѕидовите на најблиските куќи околу неа. (Исто како во Венеција).

Интересно! Во тоа време – не ми е јасно по какви канали – до куќите во Пехчево стигнуваа украсни гондоли, и во немал број домови витрините, орманите и наткасните ги красеа токму таквите изработки. Па според тоа, според нив и според она што ние децата го дознававме од возрасните, имавме слушнато и за најубавиот и најпознат мост во Венеција: Мостот на љубовта. Раководени од неговиот назив, и ние нашиот главен и најубав мост го завикавме Мост на љубовта. Едно поради тоа што во неговата близина беше нашиот градски парк, „каде што пеат славејчињата“ – како што кажуваа стиховите на песната посветена на нашиот град. А друго, според тоа што во деновите на големите поплави, единствено тој опстојуваше пред разјарената река, која ни ги рушеше сите други мостови.

Мост херој, единствен премин од едната на другата страна на градот! Па, како тогаш да не го сакаме? Како да не биде за нас Мост на љубовта?!
Истовремено, во тие пригоди, и нам децата, исто како и на возрасните, ни доаѓаше „како порачана“ можноста да се потсетиме на почетниот стих на тогаш омилената најпопуларна „локална“ песна. Хитот.

„Ој Пехчево – ти град Венецијо…“
Иако сигурно тогаш, во тие денови, при „елементарна непогода“, не ни беше многу до песна, ние во себе пак си го потпевнувавме овој стих, свесни дека Пехчево и Венеција се далеку-предалеку…

Сметавме дека се предалеку во километарска, во просторна оддалеченост, а не, никако не во некаква си друга оддалеченост и различност. (Според некои нашинци, единствената мала разлика меѓу водните пространства на Венеција и Пехчево беше тоа што низ венециските пловеа гондоли, а низ нашата Багарица – делови од „расклопените“ мостови….)

…Во сѐ, во сѐ друго сите ние останувавме на вистинитоста, на точноста на содржината на стихот:

„Ој Пехчево – ти град Венецијо….“.