Од жабја перспектива

Ретко кој народ се разбрал со ретко која влада во светот. Особено на Балканот и особено кај нас во Република Македонија никој не се разбрал со власта. Имаше еден вечен графит на кејот, до Камени мост, до градската плажа, на кој пишуваше „Долу, влада!“. На секоја влада ѝ прилега, мислам на владата на Тереза Меј, Трамп и сите други влади од надвор. Не мислам на нашата. Власта отсекогаш гледа од високо, тоа се вика од птичја перспектива. Народот секогаш гледа од ниско, а тоа се вика- жабја перспектива. Затоа, мислам дека не треба да се менува власта на избори туку народот. Ќе дојде убаво и таа промена: старите граѓани (и селани) на Република Македонија да се заменат со нови граѓани (и селани) на Република Северна Македонија.

Освежително-горко апче, што ќе рече еден академик. Народот го кочи просперитетот на секоја влада досега. Сенешто му пречи. Денеска, сабота, 14 јули, Владата дава речиси бесплатна игранка и концерти низ целата држава и тоа му пречи на народот – немало бесплатни сендвичи. Претходната власт даваше бесплатни сендвичи, но немало игранка. Наравоучение: правете коалициска влада ако сакате среќен народ. Бесплатна игранка со бесплатни сендвичи. Затоа, подолго време си го изучувам мојот народ, од жабја перспектива, се разбира и се обидувам да направам пресек, кога е роден овој мој народ и колку ќе живее во иднина. На 2 август 2003 година, Скопје, а веројатно и цела тогашна „независна“ Република Македонија беа опсипани со билборди „Илинден 1903-2003 – 100 години државност“. Јас сум роден во 1950-та, безмалку на половината од таа стогодишна „државност“ и сум жив сведок на половината од таа државност, се разбира од жабја перспектива. Дели-множи, не ми излегува 100-годишната државност на Република Македонија, ми недостигаат 50 години државност. Тоа би значело 100 години држава, 100 години територија, 100 години знаме, 100 години војска, 100 години македонски пари, 100 години македонски народ, 100 години македонска власт, што не е за потценување и покрај нашите повеќе илјадалетија од нашите читанки по историја (гр. минато). Нема друго, кога не знам – прашувам. Прашав пријател, политичар, кој нештата ги гледаше од птичја перспектива. Што значи тоа „Илинден 1903- 2003 – сто години државност“, мене ми недостигаат 50 години од таа државност. Е, тоа е политичка кованица, парола, флоскула, која со метафора изразено претставува 100 години. Ти тоа си го сфатил буквално, ме подучи, тогаш, но и денес активниот политичар. Јас знам што е метафора, парадигма но такво „растегање“ на историјата, не би ми паднало напамет.

Во деновите на таа прослава, тој топол август имав и јапонска група. Се разбира дека им ја надув главата за нашата 100-годишна државност и за Илинден и тие љубезно климаа со главата. Пројавија интерес за посета на Музејот на Македонија (тогаш така се викаше), но со акцент за одделот Етнологија, бидејќи дојдоа со детска љубопитност за народните носии во Република Македонија. Покрај посетата на „Св. Спас“ и гробот на Гоце Делчев, еден од идеолозите за ослободување на тогашна Македонија, се спуштивме во старата скопска (Турска) чаршија и покрај Куршумли-(х)ан, влеговме во тогашниот музеј, кој деценија подоцна го опљачкаа вработените, а не Хуните. Во Музејот со радост ја разгледаа етнолошката постановка на народни носии и на излезот, во едно малечко сопче, на маса беше ставено Црешовото топче! Ох, си посакав да го довршам часот по историја и зошто славиме 100 години од Илинден, а ете го – артефактот пред нас. Се разбира дека им ја надув главата, дека нашите предци се бореле против Османската Империја со црешова артилерија. Тие дотогаш мислеа дека од црешите се прави само компот! Жената-кустос беше љубезна и нѐ поведе кон сопчето. Го вклучи светлото и јас и Јапонците (15-16) се фотографиравме покрај топчето. Имав чувство дека конечно ми поверуваа дека се прават и топови од црешите. Ја прашав жената-кустос колку луѓе до нашето доаѓање го посетиле музејот заради топчето. Сакав да ги импресионирам дека сме Македонци-јунаци што со илјадници бројки деноноќно чекаа пред музејот, цели семејства, цели градови и села го видоа, допреа и целиваа јуначкото оружје.

Жената погледна во таванот, замижа на едното око и полугласно почна да дели-множи. Конечно, падна астрономската цифра – 40-50 луѓе за една недела. Јапонците со нетрпение го очекуваа бројот. Јас, простете – излажав. Реков 40-50 илјади луѓе, само додадов три нули, небаре набавка на тендер од братска фирма. Ми беше срам, поради двочасовното тормозење за дебелата и храбра македонска книга по историја, која им ја раскажав во еден здив. Жената со кренати раменици, небаре се извинуваше: „Па, знаете време е на годишни одмори, сите се во Грција“. А клети Турци, нашле во време на годишни одмори да го носат трофејот од воениот музеј во Анкара, во чест на 100 години од Илинденското востание. Си подрема Црешовото топче во малечкото сопче и по 30 дена, колку што беше и договорот и доделена честа, да престојува во престолнината на слободна Македонија, по 100 години од последната употреба во Крушевската Република, чие име за влакно не победи во листата на имиња за избор на најновата македонска република, чие сонце и месечина допрва ќе изгреваат. На крајот на август 2003 година и јас замижав со едното око и „погледнав во таванот“: топчето можеби го посетија 150-160 „патриоти“ со динамиката на интерес и почит до македонско-јапонската посета. Потоа си ја свитка кутрото опашката и си отиде во вистински музеј, во Анкара, каде што ќе го посетат илјадници љубители и почитувачи на османската историја и империја. Една турска поговорка вели ,,ако рубата (облеката) не му личи на сајбијата (сопственикот)- арам (крадена) е“.

Се чувствувам нелагодно кон јапонските, хонгконшките, тајванските, бугарските, грчките, израелските, романските, југословенските од сите републики, македонските и кој ли не други групи и индивидуалци што сум ги тормозел со часови на сонце, на студ и снег, раскажувајќи им некоја и нечија дебела тетратка по историја, која всушност била лажна. Имајќи сега нова скратена верзија на Северна Македонија, со која разгледот на Скопје може да трае не повеќе од петнаесетина минути, а остатокот од времето да се пополни со шопинг, фотосеанси од неколку часа низ „Скопје 2014“. Знаете ли колку траеја подготовките и полагањето испити за лиценца на туристички водич? И чинеа не малку, туку 500 евра, колку една сегашна плата. Сега можеби ќе се полага на ФБ, ќе се пополни некој прашалник, праќаш твое фото и добиваш- лиценца. Ќе чини можеби 5 евра. Колку помалку историја, толку помалку евра. Расказот за новата држава Северна Македонија нема да има потреба од „скратена верзија“ дури и некому да му се брза за на авион. Таа и така целата ќе биде скратена и може да се смести во книшка колку верскиот календар на МПЦ. Или новата инстант-верзија на туристичка обиколка на градот, не мора да се прави со туристички автобус, може и со параглајдер (гр. божем – анг. падобран) за многу пократко време. На пет јазика, колку што зборувам и употребувам во туризмот, за пет вида групи: македонски, српски, бугарски, грчки, англиски, германски, пет групи по 15 минути, вкупно 1 час и 15 минути. Ново име – нова држава. Нова држава – нова историја. А, лесно е: со историја почнуваш од денес, ајде не мора од денес, може да почнеш од Преспа. Ајде не мора од Преспа, почнуваш со историја од крајот на оваа година. Ајде не мора од крајот на оваа година, може од нова година. Нова година – нова историја. Од птичја перспектива, се разбира. Кога сме кај птиците и нивните перспективи, многу ми се допаѓа поговорката ,,од ут – сокол не бива“.