Марсеј и Салцбург ќе играат меѓу себе во полуфиналето, а двата тима сезонава ја почнаа во квалификациите за Лига Европа. Пред три сезони Днипро од квалификациите стигна до финалето, а пред тоа Севилја, Атлетико и Порто по подолгиот пат го освојуваа трофејот

Марсеј (Франција) – Салцбург (Австрија) и Арсенал (Англија) – Атлетико Мадрид (Шпанија) се двојките за полуфиналето на Лига Европа, одредени со ждрепка вчера во Нион (Швајцарија), седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА). Првите мечеви се на 26 април, а реваншите на 3 мај. Финалето е предвидено за 16 мај во Лион (Франција). Од полуфиналистите, сезонава во Лигата на шампионите играше само Атлетико Мадрид, другите три тима патот до полуфиналето го одеа прво низ групната фаза на Лига Европа, а Салцбург и Марсеј дури играа и во квалификациите (австрискиот тим две кола, а францускиот едно).

Во сезоната 2014/2015 Днипро (Украина) од квалификациите стигна до финалето, каде што загуби од Севилја (Шпанија) со 2-3, во меч во кој Днипро водеше со 1-0, а потоа и имаше 2-2 до 73-та минута. Една сезона пред тоа, пак, Севилја стигна и до трофејот (ја победи Бенфика), откако играше и во квалификациите (две кола), како и Атлетико Мадрид во 2012 година (во финалето го победи Атлетик со 3-0) Марсеј и Салцбург сезонава играа меѓу себе во групата И, во која Салцбург беше прв (победа и реми со Марсеј), а Марсеј втор.

Арсенал, пак, беше победник во групата Х. Салцбург е во серија од три меча без пораз едноподруго со тимови од Франција, од тоа две победи, а вкупно одигра шест дуела со три победи, едно реми и два пораза. Марсеј, пак, досега одигра шест меча со екипи од Австрија и има по две победи, нерешени и порази, но е без победа на последните три дуела со екипи од таа земја. Атлетико досега двапати бил победник на Лига Европа (порано Куп на УЕФА), во 2010 и во 2012 година. Победникот сезонава ќе се пласира директно во групната фаза од Лигата на шампионите (ЛШ) за идната сезона.