Стручен тим професори за електрицитет од Дортмунд (Германија), кои се и ловџии, проучувале како дејствува невремето на ловџијата и како треба да постапи кога ќе се најде во такви временски неприлики

Секој ловџија барем еднаш се нашол во ситуација кога имало невреме додека бил на лов и притоа имал непријатно искуство. Стручен тим професори за електрицитет од Дортмунд (Германија), кои се и ловџии, проучувале како дејствува невремето на ловџијата и како треба да постапи кога ќе се најде во такви временски неприлики.

За да утврдат колку му се заканува невремето на ловџијата кога е со пушка во рацете, стручниот тим излегол на терен со мерни инструменти и со оружје. Нормален напон при убаво време може да изнесува од 100 до 200 волти, а во невреме тој се качува од 1.000 до 5.000 волти. Силината на струјата во т.н. електричниот канал, пак, може да биде и над 100.000 ампери. Имајќи предвид дека невремето секогаш е проследено со силен дожд, тогаш натопениот ловџија претставува одличен спроводник на електрицитет. Факторот на зголемување на напонот на главата на човекот тогаш е од 12 до 15 пати поголем во однос на тлото каде што стои човекот. Затоа е многу посигурно ловџијата да се скрие во некоја земјена длабнатина или да легне како посигурна опција.

Испитувајќи во лабораторија колкава е опасноста за ловџијата, кога пушката ја има на рамо или во раце, експертите утврдиле дека на горниот крај на цевката напонот е исклучително голем, со фактор на зголемување од 130 пати. Дури и кога пушката се носи хоризонтално во раце, факторот на зголемување е голем и изнесува 50 пати, и тоа на двата краја од пушката. Тоа значи дека, како и да се носи пушката, таа може лесно да привлече гром, односно ловџијата со пушка во рацете е барем 10 пати во поголема опасност отколку кога е без неа во услови на невреме.

Ловџијата таквата опасност евентуално може да ја избегне доколку на врвот на цевката стави гумена кугла и топче, кое однадвор и однатре е премачкано со бронзена боја. Но наједноставно е да ја остави пушката на одредено место и да биде подалеку од неа. Ако е качен на т.н. чека, треба брзо да се симне и да не се крие директно под дрво. Под дрво тој би можел да биде сигурен единствено ако е најмалку 5-6 метри оддалечен од стеблото, а нозете ги држи прилепени до земјата. Исто така се препорачува придржување на правилото „30-30“. Ако од молњата до грмежот поминат помалку од 30 секунди, оддалеченоста е помала од 12 км и потребно е да се најде засолниште. По последниот удар на гром потребно е да се причека 30 минути, за ловџијата да се увери дека опасноста поминала.


Лов на речна пастрмка

Првиот начин е со помош на вештачка мушичка, мавтајќи со рибарскиот стап или со васер-куглата, а вториот е со помош на блинкер

Ловот на речната пастрмка е посебно интересен, а од рибарот се бараат максимален напор и искуство, но и досетливост. Таа се лови на два начина, а сѐ друго е недозволено. Првиот начин е со помош на вештачка мушичка, мавтајќи со рибарскиот стап или со васер-куглата, а вториот е со помош на блинкер. Кога ќе се закачи на јадицата, речната пастрмка умешно се бори, брзо плива против водната струја, излегува од водата и тежнее да оди во некое засолниште (најчесто гранки). Во текот на денот најдобро се лови кога времето е облачно или по краткотраен дожд.
Ловот со блинкер може да биде успешен само ако тој се користи правилно. Искусниот рибар при коректното користење на блинкерот може да ги почувствува неговите вибрации на врвот од рибарскиот стап. Дејствувањето на блинкерот врз пастрмката зависи од брзината на повлекувањето и моментните услови на водата. Многу рибари ловат пребрзо или пребавно. Блинкерите (кашикари и пеперутки) даваат добри резултати кога се влечат полека, блиску до дното, со што го стимулираат пленот. Ако крилцата на блинкерот не се вртат, значи дека рибарот влече премногу бавно.
Брзината на влечењето зависи и од тоа колку во тој момент рибата е мрзлива или активна. Блинкерот обично се фрла спротивно од течението на реката, дозволувајќи му малку да потоне, пред да се почне со влечењето. Кога ќе тргне по течението на реката и ќе влезе во брзата матица, неговото влечење се забавува, а кога ќе тргне кон рибарот, пак, целосно се престанува со влечењето. Кога блинкерот ќе влезе во бавна вода, а вибрациите ќе престанат, тогаш рибарот го извлекува блинкерот и повторно го фрла. Кога блинкерот се фрла во правец на водата, врвот на рибарскиот стап се држи исправено и се намотува конецот со таква брзина што блинкерот се движи малку побрзо од течението на реката. Дебелината на конецот, пак, треба да биде од 0,25 мм за ситните до 0,30 мм за крупните примероци на поточна пастрмка.