Томас Бах

Во интервјуто за АП тој беше прашан и за тоа дали пандемијата им овозможи на некои спортисти да ги прекршат правилата за допинг без закана од тестирање, но тој рече дека „одложувањето на Игрите ќе овозможи развој на нови методи за тестирање, тестовите направени пред ЛОИ ќе бидат чувани и во следните 10 години за повторни испитувања и никој не треба да се чувствува сигурен дека нема да биде откриен“

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) ќе се соочи со дополнителни трошоци од неколку стотици милиони долари поради одложувањето на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, изјави претседателот на ИОК Томас Бах, во интервју за германскиот весник „Дие велт“, пренесе агенцијата „АП“. Според процените на Јапонија, штетите од одложувањето на Игрите се меѓу две и шест милијарди долари. Освен делот на ИОК, сите други трошоци ќе бидат на товар на јапонската страна, според договорот потпишан во 2013 година, кога на Токио му беше доделена организацијата на ЛОИ, пишува АП.

– Не може да се каже колкав е степенот на дополнителните трошоци за ИОК, предизвикани од пандемијата на коронавирусот. Со премиерот се договоривме дека Јапонија ќе продолжи да ги покрива трошоците што би ги имала според условите на постојниот договор за 2020 година, а ИОК ќе продолжи да биде одговорен за својот дел од трошоците. ИОК ќе се соочи со дополнителни трошоци од неколку стотици милиони долари – вели Бах во интервјуто.

На прашањето за можно следно одложување на ЛОИ Бах не даде директен одговор, но во интервјуто рече дека „јапонските организатори и премиерот Шинзо Абе многу јасно ми ставија до знаење дека Јапонија не може да се соочи со уште едно одложување на Игрите, предвидени за следното лето“, пренесе АП. Тој беше прашан и за тоа дали пандемијата им овозможи на некои спортисти да ги прекршат правилата за допинг без закана од тестирање, но тој рече дека „одложувањето на Игрите ќе овозможи развој на нови методи за тестирање, тестовите направени пред ЛОИ ќе бидат чувани и во следните 10 години за повторни испитувања и никој не треба да се чувствува сигурен дека нема да биде откриен“.