Ода на показалецот

Не попусто се рекло кога со еден прст ќе покажеш на некого, со другите девет покажуваш на себе. Односно, не постои начин да кажеш нешто за некој друг, а во исто време да не говориш и за себе. Да речеме дека мразиш некого и користиш вулгарни зборови за него на социјалните мрежи, каде што се криеш под псевдоним. Всушност, самиот твој избор на зборовите што служат да го опишеш него, многу повеќе те опишува тебе

Диоген вели: Нема веќе луѓе, не барам. Треба да се поправат овие што веќе постојат.

Да е жив, здрав и вечен! Да не е тој, не би постоела сегашноста ваква каква што е. Источните народи имаат изрека „сам како палец“, ама не сум сретнал некоја таква тажна и интимистичка изрека за показалецот. Напротив, за него се сврзуваат доста сурови изреки, сврзани со неговата моќ. Тоа е така затоа што очигледно е дека од сите пет прсти на раката, тој, показалецот, има најсилно семиотичко (и политичко) влијание, ако се изземе секогаш стабилното вулгарно значење на кренатиот среден прст. Семиотичарите го викаат показалецот знак-индекс, и тоа поткласа деиктик (нема еднаш засекогаш дадено значење, туку само контекстуално: во одреден момент значи тоа кон што покажува). Затоа, за разлика од другите прсти, има неограничен број значења. Ако покаже на Венко – значи „Венко“, ако покаже кон зграда – значи „зграда“, ако покаже неодредено – значи „таму“. Поради таа своја магична дарба (која сепак е резултат на културна конвенција), тој е еден вид јавна личност меѓу прстите, прст со јавно значење. Тој е врска меѓу мене и светот кога ја користам таканаречената „невербална комуникација“.

На Балканот, и тоа во регистар од трачерски разговори во фризерски до политички салон, показалецот редовно е насочен не само кон нешто туку и кон НЕКОГО. И најчесто се насочува кон некого за да се покаже на „виновник“ или „грешник“. Речиси и не се користи за да се покаже на некој што има заслуги. Така, показалецот кај нас станува и прст пресуден за правење кариера во општеството. Показалецот, така да кажам, се извешти, се исшлифува и стана свесен дека е глупаво да учи и да чита. Зошто да се влече со ноктот под редовите на книги полни правливо знаење, кога многу полесно може да направи кариера со тоа што во исто време и ќе покажува и ќе ПОТКАЖУВА? Така, тој станува и прст за елиминација на непријателите, што отсекогаш, рака на срце, и бил. При сите стрелања со показалец се покажува на оние што од стројот ќе бидат изведени пред стрелачки вод. Денес, фала му на Бога, благодарение на цивилизациско-демократските дострели, речиси и нема веќе стрелања, ама има симболични егзекуции. Покажеш ли во медиум со показалец на некого и го наклеветиш – си завршил работа! Тој некој, ако ти бил конкурент во кариерата, сто години не ќе може да докаже дека не е таков, затоа што денес си онаков каков што ќе те претстават медиумите и нивниот показалец.

Е да, ама не е баш така. Не попусто се рекло кога со еден прст ќе покажеш на некого, со другите девет покажуваш на себе. Односно, не постои начин да кажеш нешто за некој друг, а во исто време да не говориш и за себе. Да речеме дека мразиш некого, и користиш вулгарни зборови за него на социјалните мрежи, каде што се криеш под псевдоним. Всушност, самиот твој избор на зборовите што служат да го опишеш него, многу повеќе те опишува тебе. Еднаш за себе прочитав на социјалните мрежи дека сум бил „шупак“. Веднаш знаев многу повеќе работи за „авторот“ што го напишал тоа, одошто тој за мене. Знаев и каков и колкав му е речникот, и дека преку врски завршил основно училиште, и со кого се дружел и се дружи, знаев дека плука на улица, дека лесно потегнува тупаница на послаб, а богами ја насетив и неговата сексуална ориентација. Жив шпион е јазикот: мислиш ти со него опишуваш, а тој тебе те опишува, ти отвора досие, до нијанси кажува кој си и што си. Така е и со показалецот: ако премногу го користиш пред шефовите да урнисаш други, тогаш покажуваш со сите девет прсти на себе, и сите девет тогаш значат „шпион“.

Очигледно е дека иако денешната светска, глобална и глобализирачка култура му смисли на показалецот и една многу подостоинствена, „дигитална“ функција (со него „типкаме“ по тастатури и скринови), тој сепак не се откажа од неговата по(т)кажувачка улога. Во таа смисла, ние живееме во една ИНДЕКСИЧНА култура, култура на по(т)кажување и показност, што е блиску до поимите шпионирање, видеонадзор, или до Орвеловиот „голем брат“ кој те набљудува. Врв на таа култура е показалецот, кој графички често се заменува со сликичка – стрелка. Доволно е да отворите упатство за некој електронски уред и ќе видите дека серијалот постапки што треба да ги преземете е даден со индексација, односно со стрелки (или „чекори“ – поимот „next step“). Вака: распакувајте го уредот → вклучете го во штекер → притиснете го копчето →… и така натаму. Тоа е култура во која сè е темелно пропишано, книговодствена култура на правила, „топла“ (дури и прежешка) култура во една Маклуанова смисла, пропишана до толку што нема простор за креација и слободно дишење. Такви култури денес се пожелни за да нема грешки и за да се постигне максимална послушност во управувањето со толпи.

Така, показалецот станува и глобализациски прст. И геополитички. Тешко на оној кон кого ќе се насочи: го чека или воена, или некоја геополитичка „пластична интервенција“. Или осиромашен ураниум или осиромашен ручек. Така што, со тој врховен показалец нема играње. Само едно нешто се прашувам: дали во часови на одмор, сепак, и тој дигитализиран, врховен, геополитички показалец знае да се закопа во носот (што му е една од природните функции), далеку од погледите на јавноста, за да си поигра малку невино со екскрементите. И ве убедувам дека таа негова функција е многу почиста и поневина од онаа кога некого по(т)кажува. Толку.