Трговците со честите акции за намалени цени ги мамат потрошувачите

Владата на Србија го испрати на усвојување текстот на законот со кој се предвидуваат прецизни правила и видови намалување на цените, кои може да ги прават трговците. Законот поблиску ги дефинира акциската продажба, сезонското намалување и распродажбата. Главна измена е што сезонските намалувања, односно продажба на производи по намалени цени по завршување на сезоната, ќе се прават најмногу двапати годишно, и тоа во период од 25 декември и 10 јануари, како и од 1 до 15 јули, а тие ќе траат најмногу 60 дена.

Акциската продажба, која опфаќа продажба на стоки и услуги по цени пониски од претходните, според новите одредби, не смее да трае повеќе од 31 ден. Трговците што организираат акциска продажба со рок на важење до три дена не мораат да ги истакнуваат старата и новата (намалена) цена. Наместо ова, доволно е да се објави на јавно место процентот на намалување на цената. Доколку продажбата се одвива по намалени цени, трговскиот субјект е должен да ги објави и старата и новата цена.

Трговецот е должен физички да ги одвои производите што се предмет на распродажба од оние производи што се во редовна продажба. Од објавување на распродажбата до крајот на нејзиното траење трговците нема да можат да набавуваат и да продаваат нови количества производи, кои се предмет на распродажба, пишува „Вечерње новине“.

Дефинирањето на периодот на намалување е определено врз основа на практиката во земјите-членки на Европската Унија. Во Србија беше забележано дека често се користи зборот „распродажба“, кој упатува на тоа дека производот нема повеќе да се продава со пониски цени. Но во краток период кај истиот трговец се појавува истиот производ. Ова ги доведува потрошувачите во состојба да донесат одлука да го купат производот, а во други околности не би го направиле тоа.

Сезонските попусти во десет земји од ЕУ се пропишани со закон двапати годишно, зимски и летен попуст, во траење од 60 дена и се однесуваат на текстил и облека.