Генерацијата што се раѓа сега е последната слободна генерација. Идентитетот на секое новороденче веднаш им станува познат на сите светски сили. Сето тоа мириса на тоталитаризам, вели основачот на Викиликс

Пред домаќините во Амбасадата на Еквадор да му ја прекинат интернет-врската со остатокот од светот на 28 март 2018 година, основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, го даде последното интервју за тоа како технолошкиот прогрес го менува човештвото и за тоа како глобалниот надзор наскоро ќе биде неизбежен. Интервјуто е дадено за РТ и е обезбедено од Светскиот форум за етички податоци во Барселона.

Асанж има мрачен поглед за тоа во кој правец се движи човештвото. Тој вели дека наскоро ќе биде невозможно за секое човечко суштество да не биде вклучено во глобалните бази на податоци што ги прибираат државите и другите слични ентитети.

– Генерацијата што се раѓа сега е последната слободна генерација. Се раѓате и веднаш или во рок од една година станувате познати на глобално ниво. Вашиот идентитет во една или друга форма им станува познат на сите светски сили, зашто вашите родители-идиоти ги објавуваат вашите фотографии и имиња на Фејсбук или поради тоа што аплицираат за осигурување или за пасош. Едно мало дете сега, во одредена смисла, мора да преговара за својот однос со сите големи светски сили. Тоа нѐ става во многу поинаква позиција. Многу малку технички способни луѓе можат да живеат настрана, да изберат да живеат одвоено, да изберат да одат по својот пат. Сето тоа на одреден начин мириса на тоталитаризам – вели Асанж.

Според него, капацитетот за прибирање и обработка на податоци за луѓето расте експоненцијално и ќе продолжи да расте брзо. Со напредокот во примената на вештачката интелигенција врз големите количества податоци, доаѓа и следниот логичен чекор.

– Погледнете што прават „Гугл“, „Амазон“ или „Фејсбук“. Тие, практично, го прибираат сето знаење на човештвото додека се изразуваме или комуницираме едни со други. Овој класичен модел, кој луѓето во академските кругови го нарекуваат и набљудувачки капитализам, сега е променет. Тоа е навистина многу важна и тешка економска промена. Таа го зема моделот на набљудувачки капитализам и го трансформира во модел за кој сè уште нема име, на пример, модел на вештачка интелигенција. Огромниот резервоар со податоци потоа се користи за обука на вештачки интелигенции од различни видови. Ова ќе ги замени досегашните сектори и ќе создаде цели нови сектори – вели тој.

Асанж, исто така, предвидува дека степенот на непријателски активности преку сајбер-просторот ќе го достигне врвот штом вештачките интелигенции бидат доволно обучени за да ги автоматизираат хакерските напади.

– На Интернет нема граници. Од Њујорк до Најроби се стигнува за 220 милисекунди. Зошто би имало мир во такво сценарио? Ентитетите на Интернет создаваат свои граници користејќи криптографија. Но големината на просторот за напад за секоја организација со пристојна големина значи дека мора да се ангажираат значителен број луѓе и софтверски и хардверски капацитети, а сето тоа тешко може да се спроведе. Сметам дека не може да се постават граници што се доволно предвидливи и стабилни за да се елиминира конфликтот. Затоа во иднина ќе има повеќе конфликти – прогнозира Асанж.