Дел од екипата на „Медена земја“

На јубилејниот 25-ти „Сараевски филмски фестивал“, кој се одржува деновиве во Сараево, викендов премиерно беше прикажан веќе познатиот македонски документарен филм „Медена земја“. Како што информираат членовите на неговата екипа, филмот бил поздравен со силен аплауз и овации во преполната сала во сараевскиот „Мултиплекс синема сити“, а на проекцијата присуствувале режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска, снимателот Самир Љума и главната протагонистка на филмот – Атиџе. Документарецот е влезен во официјалната конкуренција за наградата „Срцето на Сараево“. Треба да се посочи дека во официјалната натпреварувачка конкуренција за кратки и анимирани филмови на фестивалот својата регионална премиера ќе ја има анимацијата „Една“ на Вук Митевски, а како што информираат од продукцијата „Сестри и брат Митевски“, главната актерка од македонскиот игран филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, Зорица Нушева, ќе биде претставена на фестивалската програма за меѓународен кастинг, додека актерите Стефан Вујисиќ и Илија Волчески ќе бидат дел од „Сараево талент кампус“. „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ќе биде прикажан надвор од натпреварувачката програма „Во фокус“, каде што ќе се прикажува и филмот „Полусестра“ на Дамјан Козоле, во кој „Сестри и брат Митевски“ учествуваат како малцинска копродукција.

Годинава во главната филмска програма е вброен и албанскиот филм „Отворена врата“ на режисерот Флоренц Папас, снимен во копродукција со македонската продуцентска куќа „Аворд филм и видео“, во кој една од улогите толкува и познатиот актер од земјава Висар Вишка. Претседател на жирито, кое ќе одлучува за филмовите во главната програма, е шведскиот режисер, Рубен Остлунд, а членка на жирито е и режисерката Теона Стругар Митевска. Првпат годинава овој фестивал се одржува под покровителство на УНЕСКО.

Создаден со желба да помогне во обновување на граѓанското општество, „Сараевски филмски фестивал“ се смета за еден од најугледните меѓународни филмски фестивали, со посебен фокус на регионот на Југоисточна Европа. Годинава тој се одвива од 16 до 23 август, а наградите „почесно срце на Сараево“ веќе им беа доделени на актерката Изабел Ипер и режисерите Павел Павликовски и Александро Гонзалес Инариту.
Очекувано, големо медиумско внимание на неговото свечено отворање привлече поставениот босански килим наместо традиционалниот црвен тепих, пред зградата на Народниот театар на Сараево, по кој прошетаа филмските ѕвезди и гости. Весникот „Независне новине“ посочи, меѓу другото, дека новиот црвен килим претставува спој на традиционалното и современото и дека неговиот дизајн е инспириран од елементи на сараевски килим што датира од 1930 година. Обезбеден е со покровителство на градот Сараево и градоначалникот Абдулах Скако.

– Босанскиот килим е посебен вид килим, во најголем дел со ориентален изглед, кој претставува важна културна вредност на Бошњаците, Хрватите, Србите, и другите народи во Босна и Херцеговина.Најобичните босански килими се со црвена заднина и со разновидни орнаменти, со богато украсени краеви, посочи весникот. Фестивалот беше отворен со светската премиера на филмот „Син“, на режисерката Инес Тановиќ, а публиката доби можност да види 270 филма од 56 земји.