Деновиве излезе преводот на романот „Карневал“ на наградуваниот канадски автор Рави Хаж. Ова е 159-то издание во прозната едиција „Проаза“ на издавачката куќа „Или-или“, за чиј превод од англиски се погрижи Ацо Пероски, а излегувањето на книгата е помогнато од Канадскиот совет за уметности. Инаку, ова е вкупно трета книга од истиот автор, по преводите на романите „Лебарка“ и „Играта на Де Ниро“.

По тој повод, во тек е промотивна продажба на овие изданија по намалени цени. Канадскиот писател Рави Хаж е дете на светот. Роден е во Бејрут, а растел во Либан и во Кипар. Во 1984 година се преселува во Њујорк. Конечно, во 1991 година го пронаоѓа својот дом во Монтреал, Канада, каде што живее и твори и денес. По таксирањето и експериментирањето со фотографијата, тој конечно се вгнездува во книжевноста, покажувајќи дека неговиот несомнен талент долго време чекал да биде откриен. Неговите два романа, „Играта на Де Ниро“ (2006) и „Лебарка“ (2008), изданија на „Или-или“, за кратко време постигнаа интернационален успех, ставајќи го Хаж на врвот на листите на омилени писатели кај многу угледни европски и американски интелектуалци. Во 2012 година писателот ја заокружува неформалната трилогија токму со романот „Раневал“.

Наградуваниот либанско-канадски писател Рави Хаж во својот најнов роман „Карневал“ се навраќа кон главната тема на своето творештво: животот на емигрантите и нивната неприпадност во „новиот свет“. Тој создава калеидоскоп од приказни што се прелеваат една во друга, без амбиција да се изгради кохерентна целина, но токму спокојното и ненаметливо раскажување е главното „оружје“ на авторот и основата врз која се гради оригиналноста на овој исклучителен роман.