Изминатата недела, под етикетата на издавачката куќа „Метие“, беше објавен најновиот авторски компакт-диск на композиторот Михаило Трандафиловски, насловен „Диптих“. На албумот се сместени камерни дела и дела за дуо виолина во изведба на виолинистот Питер Шепард Скарвед, пијанистот Родерик Чедвик, квартетот „Кројцер“ и ансамблот „Лонгбоу“.

– Како кај големите автори-изведувачи во историјата на музиката, меѓу кои Телеман, Барток, Јоаким и Лист, во творештвото на виолинистот и композитор Михаило Трандафиловски е невозможно да се одвои композиторската од изведувачката имагинација, покажувајќи цврста поврзаност помеѓу енергиите на секоја од нив. Неговиот придонес кон виолината е извонреден, неговите дуа за виолина и пијано (кои претставуваат сонати во секој аспект, освен во името), потоа концерти, дела за дуо виолина, камерни дела и педагошки композиции, претставуваат подарок, како за публиката така и за самите изведувачи. Снимките и изведбите на делата од досегашниот опус на Михаило Трандафиловски се стекнаа со блескави критики низ целиот свет. Комбинацијата на камерни дела и дуа, според композиторот, исто така, се однесува на неговото животно патување и врската со виолината – пишува во најавата на изданието.

Михаило Трандафиловски е исклучително плоден композитор. Иако пишувал и оркестарски, концертни (за солист со поголем камерен оркестар и гудачки оркестар) и хорски дела, главниот фокус, сепак, му е во камерната музика. Во Лондон, каде што живее и работи подолго време, изданието ќе биде промовирано на 1 јуни, во рамките на концертниот серијал „Композишн енд крафт“. Дистрибутер на „Диптих“ е „Наксос“.