Опозицијата се сомнева во искрените намери околу отворањето на изложбата за исчезнатите слики и смета дека тоа е една неуспешна провокација во рамките на континуираната кампања за ревизија на историјата и за обезвреднување на настаните од петти октомври и на луѓето што учествувале во овие настани

Одбележувањето на годишнината од Петтооктомвриската револуција во Белград во 2000 година доби поинаков пристап, а владејачката коалиција се обидува да даде поинаква слика за овие настани по кои беше соборен режимот на Слободан Милошевиќ. Кога во јуни годинава случајно беа пронајдени три фотелји, кои исчезнаа по влегувањето на граѓаните во поранешната зграда на југословенското собрание, беше обновена истрагата за исчезнатите уметнички дела и мебел. Ова стана и главна преокупација за сегашната претседателка на Србија Маја Гојковиќ, пишува „Данас“.

Во меѓувреме се пронајдени и неколку парчиња од мебелот, за што од српското собрание беше поднесена кривична пријава против непознати лица за кражба на слики, скулптури и други предмети со уметничка вредност. Но кривичната пријава беше брзо отфрлена поради застареност на делото. Сепак, претседателката на парламентот не се откажа од својата замисла за враќање на уметничките дела, кои се значајни за „националниот идентитет“ и за таа цел отвори и изложба на репродукциите за исчезнатите слики под називот „Уметност што чека правда“. Опозицијата се сомнева во искрените намери на претседателката на парламентот и смета дека ова е една неуспешна провокација на Гојковиќ во рамките на континуираната кампања за ревизија на историјата и за обезвреднување на настаните од петти октомври и на луѓето што учествувале во овие настани.

На овој ден во 2000 година од збирката на народното собрание, која била составена од 156 дела, исчезнале вкупно 60 слики или, пак тие биле уништени во пожарот. Меѓу украдените предмети се и поголеми парчиња мебел, како и рогови од животно што на претседателот на парламентот на СФРЈ му биле подарени од првиот човек на Собранието на Нигерија.

Досега во Собранието на Србија биле вратени 35 слики, а некои од нив ги пронашла полицијата, а некои се вратени од граѓаните. Некои од вредните дела на српските сликари биле наоѓани и на пазарите во Белград. Меѓу вратените предмети е и книгата „Протоколот на Светоандрејското собрание“ од 1858 година, која била пронајдена на пазар за стари работи од една поранешна пратеничка. Таа за оваа книга платила 30 динари, а потоа ја вратила во собраниската библиотека. Некои од граѓаните што не биле свесни за вредноста на делата ги носеле на процена во Народниот музеј и тогаш било откривано дека станува збор за сопственост на Собранието на Србија.

На отворањето на изложбата, Гојковиќ се огради од тврдењата дека таа има политичка порака, туку дека претставува желба сите заеднички да вложат труд за пронаоѓање на исчезнатото богатство. За опозицијата овие изјави се само континуиран процес петти октомври да се прикаже како злосторнички потфат и да се рехабилитира власта што во деведесеттите години ја донесе земјата до пропаст.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за последното одбележување на петтооктомвриските настани рече дека било добро тоа што земјата се отворила кон светот, но лошо било што ограбувачите отстапиле од државните интереси.

– За личните емоции не сакам да зборувам и се обидувам да го набљудувам тоа од историска дистанца. Србија денеска е на добар пат. Важно е сите да се свртиме кон иднината – изјави Вучиќ.