Регионалниот политички зафат со глобални импликации што се однесува на поврзувањето на Албанците станува сѐ потранспарентен, во еден дел и со опиплива форма, а добива и динамика. Во разгледуваниот документ, наречен „Стратегија за обединување на Албанците до 2025“, претставен на заедничката седница на владите на Албанија и на Косово, од страна на премиерот на Албанија, Еди Рама, се предвидува заедничка иднина на сите Албанци во еден државноправен ентитет. Засега, чекорите се остваруваат во рамките на националниот проект за обединување на Албанија и Косово, не само на економско-трговски план туку и чекор понатаму. Интеграцијата предвидува заедничка надворешна и безбедносна политика, заеднички дипломатски претставништва, образовен систем, единствен пазар, бесцарински бариери, па дури и избор на заеднички претседател

На заедничката седница на владите на Албанија и на Косово

На последната заедничка седница на владите на Албанија и на Косово, албанскиот премиер Еди Рама ја претстави стратегијата за обединување на Албанците до 2025 година, во рамките на националниот проект за обединување на двете држави.
– Албанија не може бесконечно да чека за влез во ЕУ, ниту пак Косово за визна либерализација, затоа Албанците, соочени со голем број предизвици, мора да имаат заедничка иднина – нагласи Рама.
Албанскиот премиер уште минатата година во косовскиот парламент ја претстави идејата за заедничка надворешна и безбедносна политика на Албанија и Косово, заеднички дипломатски претставништва, како и за избор на заеднички претседател. Идејата за заедничка иднина на двете земји, претставена за време на одбележувањето на десетгодишнината од независноста на Косово, отворено го симболизира политичкиот интерес на двете земји да ја обединат територијата. Односите меѓу Албанија и Косово уште сега се многу интензивни во различни подрачја на политиката, стопанската и културната соработка, границата меѓу двете земји практично не постои, а Рама најави и создавање единствен образовен систем, како и единствен заеднички пазар без ограничувања и царини.

Членството во НАТО и во ЕУ за албанските/косовските политички елити всушност претставува единствен можен, а со тоа и логичен, пат за остварување на сопствените историски цели – обединување на националните територии. Од друга страна, големите сили ваквите тенденции ги препознаа како најдобар инструмент за остварување на сопствените геополитички цели.
Станува сосема очигледно дека албанската политика уште сега е најголемиот добитник на југоистокот на Европа, токму благодарение на своето стратегиски осмислено, внимателно, упорно и конзистентно дејствување.

Какви се реалните перспективи за остварување на овој интегративен проект? Дали навистина е реалност Албанците да го остварат својот „национален сон“ и во срцето на Балканот да создадат една хомогена национална држава? Иако некои ова го квалификуваат како романтизам или анахроност, практиката од последните години вели спротивно. Со неа се менува геополитичката реалност на регионот.
Имено, националната кохезија во насока на „создавање природна Албанија“ веќе низа години ја поткрепуваат, поттикнуваат и соодветно поддржуваат некои од светските големи играчи. Од друга страна, последователно на тоа, албанскиот корпус во регионот се покажува како единствен сигурен сојузник на САД, за кој „Вашингтон може со сигурност да знае дека никогаш нема да го издаде и кој, по три децении балкански пресметки, очигледно прераснува во сила што со своето засилено влијание може да го гарантира новиот мировен поредок на Балканот“. Аналитичарите тврдат дека „со американска поддршка, обединетата албанска држава би требало да ги скроти умислените балкански воинствени, геополитички лажни величини, кои повеќе од едно столетие со своите бескрајни судири го тресат Балканот и низ периодични воени пресметки прават од него нестабилен регион“.

Албанија и Косово се необично важни стратегиски сојузници, со чија помош САД ја контролираат вратата на Јадранот (Отрантската Врата), па така го спречуваат продорот на руското влијание кон југоистокот на Европа. Особено по влегувањето на Црна Гора во НАТО, САД воспоставија целосен надзор над просторот на Јадранско Море, што дефинитивно ја оневозможи проекцијата на руските интереси на Западен Балкан.

Со вака воспоставената контрола, САД цврсто ја контролираат и маршрутата на идните гасоводи и позициите на гасните терминали. Низ Албанија ќе минува важниот Трансјадрански гасовод (Trans Adriatic Pipeline – ТАП), кој се поставува меѓу турско-грчката граница и Италија, а е поврзан со гасоводот Трансанадолскиот гасовод (Trans Anatolian Pipeline – ТАНАП), со кој од азербејџанското наоѓалиште Шах Дениз 2 на Касписко Море, преку Турција, се обезбедува достава на гас во Европа. На него се планира до 2020 година да се приклучи ТАП, кој со својот копнен дел минува низ Грција и Албанија и натаму води кон Италија, преку подводниот дел низ Отрантската Врата. Гасоводот ТАП на дел од Југоисточна Европа, вклучувајќи ги Бугарија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Хрватска, им обезбедува независност од рускиот гас. Поврзувањето на ТАП со Италија, низ Отрантската Врата, овозможува натамошен транспорт на каспискиот гас на некои од најважните европски пазари, како што се Германија, Франција и Австрија. Дел од гасоводот низ Албанија почнува кај градот Ќендр Билишт на границата со Грција и води до албанскиот брег 17 километри северозападно од Фиер. Од албанскиот брег, подводниот дел на ТАП ќе се постави во должина од 105 километри, на југот на Италија, во областа Лече. Двата гасовода се делови на јужниот гасен коридор за снабдување на Европа (Southern Gas Corridor).
Контролирајќи го Отрант, Албанија заедно со Италија (под НАТО-патронат) го контролира и завршниот дел од кинескиот поморски пат на свилата (Maritime Silk Road – МСР), кој се протега од Тихи и Индиски Океан, зафаќајќи го Персискиот Залив, до Црвено Море, Суецкиот Канал и Средоземно Море, па на крајот северен Јадран, Риека, Копар и Венеција, градовите што би биле средишта на натамошната трговија кон внатрешноста на Европа.

Поморскиот пат на свилата е дел од кинеската стратегија „Еден појас, еден пат“, еден од најголемите проекти за поврзување на азискиот и европскиот пазар, преку мрежа на сообраќајници, копнени и поморски патишта, воздухопловни коридори и комуникациски мрежи што би овозможиле невидена трговска експанзија и бизнис-профити, а на Кина би ѝ обезбедил битна улога на глобално ниво.

Во тој контекст, проектот за „интегрално решавање на албанското прашање“, зад кој стојат сите досегашни постстуденовоени администрации на САД и Велика Британија, станува геостратегиски многу важен. Проектот на обединување срамежливо но сигурно функционира, со тоа што границите меѓу Косово и Албанија како веќе да не постојат…
Несомнено, „албанската политика“ уште отсега е најголем добитник од турбулентните случувања на југоистокот на Европа, а благодарение на своето внимателно, упорно и конзистентно дејствување, по сѐ изгледа таа позиција ќе ја задржи до крајот на големото балканско геополитичко натпреварување и прередување, кое ќе следува наскоро.

(Во текстот се преземени ставовите на аналитичарот Марио Стефанов и д-р Јадранка Половиќ од „Геополитика“)