Додека едни правни експерти се занимаваат со тоа колкава е веројатноста основачот на Викиликс да биде екстрадиран и осуден во САД, други предупредуваат дека обвиненијата против него се напад врз новинарството

Обвиненијата против основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, за вмешаност во криминална кражба на државни тајни на САД претставуваат директен напад врз основните слободи на медиумите и може да имаат катастрофални последици врз новинарството, предупредуваат американски правни експерти.

Обвинителите во четвртокот во Вирџинија ги обелоденија обвиненијата против основачот на Викиликс, кои беа запечатени од март 2018 година. Тие се основа за барањето на американските власти до Британија Асанж да биде екстрадиран во САД и да биде изведен пред суд.

Повеќе универзитетски професори, активисти и други правни експерти од САД осудија повеќе точки од обвинението, оценувајќи дека тие претставуваат директен напад врз основните дејности на новинарството, заштитени со Првиот амандман на Уставот на САД. Јохаи Бенклер, професор по право на „Харвард“, кој ја напиша првата голема студија за правните импликации за гонење на Викиликс, изјави дека обвинението содржи некои многу опасни елементи кои претставуваат значителен ризик за известувањето за националната безбедност.

– Делови од обвинението се претерани и може да имаат значителен ефект на заплашување, па затоа треба да бидат отфрлени – нагласи Бенклер.
Кери Десел, адвокатка на универзитетот „Колумбија“, вели дека обвиненијата ризикуваат да имаат негативни ефекти врз новинарството. Таа додава дека точките од обвинението и јавното објавување од Министерството за правда сугерира дека американската влада сака да го постигне токму тој ефект.

– Многу од обвинителните точки се спротивни на заштитата на новинарската активност со Првиот амандман. Тоа е многу загрижувачки за нас – вели таа.

Делови од обвинението што предизвикуваат најголема загриженост се дека Асанж заговарал и го охрабрувал Челси Менинг да обезбеди тајни документи од службите на САД. Основната функција на новинарството е да ги охрабри изворите да обезбедат информации од јавен интерес за активностите на Владата. Дополнително, Асанж се товари дека презел мерки да го скрие Менинг како извор на тајните документи што ги објави Викиликс. Заштитата на анонимноста на изворите е основа за многу истражувачки известувања, бидејќи без неа изворите нема да бидат подготвени да ги откријат информациите, а медиумите нема да можат да ја исполнат улогата да бараат одговорност од властите. Во обвиненијата е наведено и дека двајцата користеле средства за комуникација, кои новинарите често ги користат кога работат со „свиркачите“.

Клучен елемент од обвинението е новиот навод дека Асанж активно се ангажирал да му помогне на Манинг во обидите да пробие лозинка што му овозможила на американскиот војник да добие неовластен и анонимен пристап до тајни податоци на компјутерите на американската армија. Во 2010 година, Менинг бил разузнавачки аналитичар во оперативна база надвор од Багдад.

Од друга страна, експертите за слобода на медиумите и на говорот се порелаксирани во однос на обвиненијата, кои во суштина го товарат Асанж за кршење на законите против компјутерско хакирање, конкретно на Законот против компјутерски измами и злоупотреба, на начин кој не предвидува заштита со Првиот амандман. Ако обвинителите успеат да презентираат докази за делото, мала е веројатноста тие да предизвикаат општо жестоко противење.

Бредли Мос, од организација што се фокусира на разузнавањето и на националната безбедност, вели дека не е потресен од обвиненијата за хакирање.

– Не сум загрижен за пошироките последици врз слободата на медиумите. Асанж стори нешто што новинарите се обучени да не го прават – вели Мос.

Но стравовите за негативно влијание на обвиненијата се големи. Центарот за уставни права, чиј покоен претседател Мајкл Ратнер беше адвокат на Асанж во САД, предупреди дека заканата е зголемена со тоа што актуелниот претседател во Белата куќа е непријателски настроен кон медиумите.

– Ова е загрижувачки чекор што може да доведе до казнување на секој новинар што администрацијата на Доналд Трамп ќе реши да го означи како некој што шири „лажни вести“ – нагласуваат од Центарот.

Комитетот за заштита на новинарите оцени дека формулацијата на обвиненијата содржи „широки правни аргументи за новинарите кои бараат информации или интеракција со извори, кои би можеле да имаат застрашувачки последици за истражувачкото новинарство и за објавувањето информации од јавен интерес“.
– Без оглед дали го сакате Асанж, обвинението против него е сериозна закана за слободата на медиумите и сите што се грижат за Првиот амандман треба да протестираат против него – нагласува Фондацијата за слобода на печатот.


Барања да се блокира екстрадицијата на основачот на Викиликс

Британската пратеничка и министерка за внатрешни работи во владата во сенка на опозицијата, Дајан Абот, побара од премиерката Тереза Меј да ја блокира екстрадицијата на Џулијан Асанж во САД на ист начин како што таа интервенираше во случајот со компјутерскиот хакер Гери Мекинон.
Во 2012 година, Меј како министерка за внатрешни работи ја блокираше екстрадицијата на Мекинон со објаснување дека му се загрозуваат човековите права, откако лекарите предупредија дека е зголемен ризикот за самоубиство ако хакерот биде испорачан во САД. Абот смета дека слични причини треба да се искористат за да се блокира екстрадицијата на Асанж.
Лидерот на опозицијата, Џереми Корбин, исто така, побара Асанж да не биде екстрадиран во САД, нагласувајќи дека тој разоткрил злосторства во Ирак и во Авганистан. Од друга страна, британската влада ја критикуваше опозицијата, зашто поддржува „некој што ги поткопува Британија и нејзините сојузници“.