Повеќето смртни случаи поврзани со исхраната се должат на три главни фактори на ризик: недоволен внес на цели зрна и овошје и преголем внес на сол

Дебатите за здрава исхрана досега главно се фокусираа на намалување на количеството нездрава храна што ја внесуваме во нас. Но една нова глобална студија покажува дека недоволниот внес на здрава храна всушност претставува многу поголем здравствен ризик од повисокиот внес на нездрава храна

Кој фактор на ризик е одговорен за најмногу смртни случаи во светот во однос на кој било друг фактор? Не, не е пушењето. Не е дури ниту високиот крвен притисок. Тоа е лошата исхрана.

– Во многу земји лошата исхрана денес предизвикува повеќе смртни случаи од пушењето и од високиот крвен притисок – нагласува Ашкан Афшин, доцент на Институтот за здравствени метрики и евалуација при Универзитетот во Вашингтон.

Причината за тоа не е само зашто луѓето избираат нездрави опции, како што се црвеното месо или засладените газирани пијалаци. Еднакво ризичен е недостигот од здрава храна во нашата исхрана, заедно со високите нивоа на сол, вели Афшин, главен автор на 27-годишна анализа за начините на исхрана во светот што неделава беше објавена во списанието „Лансет“.

– Додека традиционално целата дебата за здравата исхрана се фокусира на намалување на внесот на нездрава храна, во оваа студија покажавме дека, на ниво на вкупно население, нискиот внес на здрава храна е поважен фактор од високиот внес на нездрава храна – нагласува тој.

Дваесет отсто од смртните случаи во светот (околу 11 милиони луѓе), во 2017 година биле предизвикани од внес на преголеми количества натриум и од недостиг од цели зрна од житарки, овошја и јаткасти плодови и семиња, наместо од исхрана богата со незаситени масти, засладени пијалаци и со високи количества црвено или преработено месо, покажало истражувањето.

Големината на студијата значи дека овие наоди се релевантни за сите, без разлика каде живеат, вели Ендру Рејнолдс, научен соработник на Универзитетот во Отаго, Нов Зеланд, кој не бил вклучен во студијата.

– Наодите треба да обезбедат информирани политички одлуки за тоа која храна треба да биде достапна во западните земји, како да се рекламира и продава и колку таа потенцијално може да чини во наредните години – вели тој.

Во анализата, финансирана од Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, Афшин и неговите колеги анализирале 15 фактори на ризик во исхраната и нивното влијание врз смртните случаи и случаите на попреченост. Високите нивоа на нездраво црвено и преработено месо, пијалаците засладени со шеќер, трансмастите и солта – за кои се знае дека претставуваат здравствени ризици – се споредувани со ефектите од недоволен внес на здрава храна. За здрава храна се сметаат овошјето, зеленчукот, целите зрна, млекото, калциумот, јаткастите плодови и семиња, диететските влакна, мешункастите и зрнестите плодови, омега-3 масните киселини од морска храна и полинезаситени масти, „добрите“ масти што можат да се најдат во лососот, растителните масла и други јаткасти плодови и семиња.

Освен солта, која е клучен ризичен фактор во повеќето земји, студијата покажува дека црвеното и преработеното месо, трансмастите и зашеќерените пијалаци се на дното на листата на ризици во повеќето земји.

– Всушност, повеќе од половина од сите смртни случаи поврзани со начинот на исхрана во 2017 година се должи само на два ризични фактори: јадење премногу сол и недоволен внес на цели зрна и овошје. Овие ризици важат за повеќето држави, без разлика на социоекономските нивоа – нагласува Афшин.

Новата студија е дел од годишниот извештај за „Глобалниот товар од болести“, подготвен од конзорциум од илјадници истражувачи што ги следат случаите на предвремена смрт и инвалидитет од над 350 болести и повреди во 195 земји.
Во јануари, конзорциумот објави своја „диета за здрава планета“, во која се вели дека преполовувањето на внесот на црвено месо и на шеќер и зголемувањето на внесот на овошје, зеленчук и јаткасти плодови може да спречи до 11,6 милиони прерани смртни случаи без да ѝ се наштети на планетата.

Афшин вели дека еден дел од актуелната студија, но со помалку детали, бил вметнат во минатогодишниот извештај за „Глобалниот товар од болестите“, па затоа годинешниот извештај претставува „најопфатна анализа за здравствените ефекти од начинот на исхрана што некогаш била спроведена“, и покрај некои недостатоци во методологијата и во податоците од неразвиените земји.

– Тоа е исправно тврдење. Секоја година се објавуваат истражувања за тоа како се храниме, но количеството на анализирани податоци и глобалната репрезентативност ја прават оваа студија многу повредна – вели Рејнолдс, додавајќи дека рангирањето на факторите на ризик им овозможува на политичарите да имаат пристап до „непроценливи информации за тоа на кои начини на исхрана прво да се фокусираат“.
Десет милиони смртни случаи поврзани со исхраната во 2017 година се од кардиоваскуларни болести. Ракот бил одговорен за 913.000 смртни случаи, а дијабетесот тип 2 предизвикал 339.000 смртни случаи. Покрај тоа, 66 отсто од случаите на попреченост од голем број хронични болести во 2017 година биле предизвикани од споменатите два фактора.

Интересно, вишокот килограми не е меѓу клучните фактори и се наоѓа на шестото место на листата на ризици за глобални болести, според Афшин.

Узбекистан има најголем број смртни случаи поврзани со исхраната, по што следуваат Авганистан, Маршалските Острови, Папуа Нова Гвинеја и Вануату. Израел има најнизок број случаи, а по него следуваат Франција, Шпанија, Јапонија и Андора.
Во однос на најниските стапки на смртност, Британија е на 23-то место, над Ирска (24-то) и Шведска (25-то), додека САД се рангирани на 43-то место, по Руанда и Нигерија (41-то и 42-то). Индија е рангирана на 118-то место, а Кина е рангирана на 140-то место.

За САД, Индија, Бразил, Пакистан, Нигерија, Русија, Египет, Германија, Иран и Турција, недоволниот внес на цели зрна е најголемиот фактор на ризик, а за многу други земји, тој е на второто или на третото место. Тоа не значи дека луѓето во овие земји не јаделе зрна, туку дека јаделе преработени зрна, со мала хранлива вредност и со потенцијал за висока калоричност.

Рејнолдс, кој годинава објави студија во „Лансет“ за ефектот на целите зрна, предупредува дека многу од производите што денес им се продаваат на потрошувачите како да се од „цели зрна“, најчесто не се.

– Целите зрна се вклучени во ултрапреработените производи, кои се фино измелени и на кои се додадени натриум, слободни шеќери и заситени масти. Мислам дека сите треба да бидеме свесни за ова и затоа треба да не ги мешаме придобивките од непроменетите, минимално преработени цели зрна со оние што денес често се рекламираат како производи со цели зрна – вели тој.

Целото зрно е дефинирано како употреба на целото семе од растението: трици, микроб и ендосперм. Советот за цели зрна обезбедува печат, достапен во 54 земји, кој потрошувачите можат да го побараат и кој го потврдува нивото на цели зрна во производот.

Најголемиот фактор на ризик за Кина, Јапонија, Индонезија и за Тајланд е количеството натриум во исхраната. Тоа веројатно се должи на исклучително солените оцети, сосови и пасти со кои се приготвуваат традиционалните азиски јадења, вели Афшин.

– Дали тоа значи дека тие култури ќе продолжат да живеат со такви високи ризици? Не е задолжително. Секој што ја проучува историјата на храната ќе ви каже дека културните преференции се менуваат со текот на времето. Тие се менуваат, но во тој случај вклучуваат и промени во културата – вели Корина Хокс, која го предводи Центарот за политика за храна при Универзитетот во Лондон и која не била вклучена во новата студија.

Според коавторот Кристијан Разо, во Мексико недостигот од јаткасти плодови и семиња е највисок фактор на ризик, проследен со недостиг од зеленчук, цели зрна и овошје во исхраната. Мексико е една од ретките земји каде што нездравите засладени пијалаци се рангирани доста високо, на петтото место. Тоа не е само поради културната преференција за газирани пијалаци и за домашни засладени пијалаци туку е резултат на недостигот од пристап до чиста вода, па дури и до свежо овошје и зеленчук.

– Ние немаме бесплатна чиста вода за пиење. Значи луѓето треба да купат чиста вода за пиење, а тие, ако веќе мора да купат нешто, купуваат газирани пијалаци. Исто така, полесно е да се најде и купи преработена храна отколку свежо овошје и зеленчук – вели Разо, кој има докторат од областа на нутриционизмот од Националниот институт за јавно здравје на Мексико.

Тој вели дека иако Мексико е огромен производител на свежо овошје и зеленчук, тие се откупуваат од дистрибутерите во САД и во другите земји, па луѓето во градовите имаат мал пристап до прифатливи свежо овошје и зеленчук или можност да ги одгледуваат сами.

– Ги охрабруваме луѓето да купуваат од локалните пазари, но тие се поскапи. Тешко е да се натпреварувате со сите големи брендови и компании што ги откупуваат производите. Соочени сме со големи предизвици. Во однос на јаткастите плодови и семиња, луѓето едноставно не можат да ги купат бидејќи се многу скапи – нагласува Ризо.


Потребни се итни промени во производството и дистрибуцијата на храна

Новата глобална студија веднаш поттикна повици за дејствување.
– Нездравата исхрана е главниот фактор на ризик според „Глобалниот товар од болести“. Релативната важност на овој фактор се зголемува и бара итно внимание – вели Франческо Бранка, директор на Одделот за нутриционизам за здравје и развој при Светската здравствена организација.
Според него, јавноста треба да биде свесна за критичните врски помеѓу исхраната и здравјето и да бара јавна акција за подобрување на пристапот и достапноста на храната што придонесува за здрава исхрана.
– Имајќи ја предвид потребата од итна акција, Генералното собрание на ОН ја прогласи 2016-2025 за деценија на ОН за дејствување во насока на здрава исхрана, со што се бара од владите да преземат соодветни обврски – нагласи тој.
Според Хокс од Универзитетот во Лондон, сето тоа бара координирани напори меѓу креаторите на јавни политики, производителите на храна, продавачите и дистрибутерите, што претставува значаен подвиг.
– На пример, враќањето кон целите зрна ќе бара комплетна промена во економијата на производството и дистрибуцијата на храна. Преработувањето на зрната е многу попрофитабилно. Земете, на пример, пченка што можете да ја рафинирате барем во три различни производи: добиточна храна, рафинирано брашно и високофруктозен сируп од пченка. Значи, производителите во процесот на рафинирање создаваат повеќе гранки на вредност – вели таа.
Но, според Хокс, ако речеме дека отсега ќе произведуваме пченка за да создадеме само еден производ, тогаш треба да поведеме дијалог со индустријата и да поставиме прашања каде се потребни јавни инвестиции и како да го промениме системот, бидејќи за тоа ќе бидат потребни крупни реформи. Сепак, Хокс се надева дека тие ќе се спроведат.
– Пред дваесет години, кога ќе се најдев во иста просторија со креаторите на јавни политики и ќе проговорев за важноста на начинот на исхрана, ме сметаа за маргинална личност. Но сега кога зборува за тоа, сите ме сфаќаат сериозно – нагласуваа таа.