Нѐ мразат од дното на своите џебови полни грантови

А кога ќе видите, наркологиката им е крајно едноставна. Се откажуваш од име и идентитет, гласаш на референдумот ЗА и ете ти ја благосостојбата на ЕУ и НАТО во скутот. Не треба да се враќаш во иднината како Мајкл Џеј Фокс, иднината сама ќе ги рашири нозете за тебе. Во ЕУ нѐ примаат веднаш, за едно десет-петнаесет години. НАТО автоматски ја внесува безбедноста во државата и никој веќе нема шанси да заглави во некоја банда, на дрога, да го удри кола или некоја друга слична срањарија

Деновиве се сетив на онаа вечер од пред петнаесетина години кога еднаш и никогаш повеќе, пробав ЛСД (халуциногена дрога). Бев добро информиран за сето она што би можело да ми се случи, не влегов во експериментот со страв или недоверба, па можев внимателно, без паника, да ја следам трансформацијата на просторот околу мене. Совршено бев свесен за причината поради која звукот, боите и предметите ја менуваат својата форма, па не западнав во еуфорија или параноја, ја имав информацијата во свеста, која ми велеше, дрогиран си брате, халуцинираш, затоа прозорското стакло ти изгледа како водна површина, која веднаш можеш да ја земеш во дланките за да си го измиеш лицето. Е, ама пробај залетај се во прозорецот за да видиш дали навистина е водна површина.

Ете така ми изгледа деновиве реалноста околу мене, многумина кркнале ЛСД, па јавно ни ги презентираат и раскажуваат своите моментални халуцинации како реалност. Одлепи власта скроз на скроз, одлепија и нејзините поддржувачи, апологети и новинари, одлепија цела Европска Унија и НАТО. Зеле некоја гадна халуциновача, толку им е јако што грабнале да ни силуваат дека и ние мора да сурфаме на нивниот трип. Го прочитавте ли оној Кокаланов и неговата „ѕидарска песна“, во која тој халуцинира некаквиси змии и жаби што му ги рушат мостовите кон иднината, па лелека дека „арматуру чупаш из темеља срече, нико тако драга вољети те нече“, среде својата турбофолк-колумна. Всушност, нема потреба да го читате, пуштете си ја песната „Зидарева љубав“, ете тоа му е приближно муабетот.

Ја слушнавте ли онаа Фаракаш како тресе зелени и се заканува? И уште десетици други ЕУтаназирани и НАТОрализирани, кои рипнаа хорски да се пенават, оти нели се разлетаа владините пари за пропаганда, па сега фрлаат околу себе омраза, гнев и хистерија кон оние што не мислат како нив. Сите до еден звучат како пубертетлии што вчера го прочитале Кастанеда, ама бидејќи немаат пејоти, кркнале некоја гадна хемикалија, но кога ќе им кажеш дека се во „бед трип“ и лош филм истовремено, рипаат да се тепаат. Јас олкаво количество наркотична избезуменост претставена како реалност не сум сретнал ни кај ликовите на Хантер Томпсон. Па барем да се разликуваат во стилот, ако сите тераат заедничка пропаганда. Не бре брате, како сите да паднале во истото буре со ЛСД, па сега и халуцинациите им се исти. Додуша, гуруто им е ист, ама и тој пролупал. Простете на наркоманскиот речник, но со овие поинаку не се може, или навистина сите се на тешки дроги или нѐ сметаат за малоумни.

Им ја слушате ли папагалската мантра? Тука била жабокречината, а таму, преку мостот е иднината. Инаку иднината се ЕУ и НАТО, мостот е референдумот на кој треба да се прогласиме за северноцрпнати како нив, а жабокречината нормално сме ние што не даваме име и идентитет. Демек, ај што иднината е во ЕУ и НАТО, туку тоа, тие гарантираат, е богата и безбедна иднина каде што вашите деца (особено се палат да ги мантраат децата) ќе пливаат во благосостојба, сигурно ќе заработуваат 3.000 евра месечно, добро ќе се оженат или омажат и ќе живеат среќно до крајот на животот. Всушност, ем звучат како да се бајаги издрогирани, ем нѐ сметаат за малоумни.

Да, да, дефинитивно нѐ сметаат за малоумни. Ние не знаеме што се ЕУ и НАТО, ниту сме чуле, ниту сме виделе, само тие знаат. Нам не ни е јасно која е приказната за промената на нашето име, идентитет, Устав, историја и култура, само ним им е јасно. Ај што нѐ сметаат за малоумни, туку и нѐ мразат. Од дното на своите џебови полни странски и владини грантови. Оти ние нели, сакаме да им ја спречиме светлата и неповторлива иднина каде што тие и нивните деца ќе живеат среќно до крајот на животот. А треба само да го залапаме пенкалото како нивниот црпнат премиер и жабата ќе се претвори во принцеза.

А кога ќе видите, наркологиката им е крајно едноставна. Се откажуваш од име и идентитет, гласаш на референдумот ЗА и ете ти ја благосостојбата на ЕУ и НАТО во скутот. Не треба да се враќаш во иднината како Мајкл Џеј Фокс, иднината сама ќе ги рашири нозете за тебе. Во ЕУ нѐ примаат веднаш, за едно десет-петнаесет години. НАТО автоматски ја внесува безбедноста во државата и никој веќе нема шанси да заглави во некоја банда, на дрога, да го удри кола или некоја друга слична срањарија. Такви работи нема во земјите-членки на НАТО. Функционерите од власта веќе нема да ги вработуваат своите балдази, баџанаци, швалери и фризерки. ЕУ ќе ги вработува на врвни позиции. Власта никако нема веќе да си дели милионски тендери на свои роднини и пријатели, нема да има потреба. Лично Брисел и Вашингтон ќе им ги делат, НАСА автоматски отвора сендвичарница спроти КФЦ.

Даночните обврзници на Германија, Франција и Скандинавија ќе полудат од радост што конечно северноцрпнатите граѓани на Република Северна Македонија влегле со нив во сојуз и ќе почнат да делат за нив кеш од сопствените сметки. Здравството само од себе ќе се среди и ќе стане комбинација од „Клиника Шварцвалд“, „Грејс анатоми“ и „Доктор Хаус“. За министер за образование го добиваме Илон Маск, тој лично ќе ископа суперсонични образовни тунели среде нашите лавиринти на незнаење и „секс за оценка“ ритуали. Митото и корупцијата стануваат едно далечно е неубаво сеќавање од времето на грдите Македонци, оти штом веднаш влеземе во ЕУ за едно десет-петнаесет години, криминалот сам ќе си се укине.

Не е до Заев, до неговата влада и коалиција што ништо не мрднало во државата откако дојдоа на власт, не се тие виновни што е сега десет пати полошо, ма не се тие ништо криви што сега не ни требаат прислушувани разговори бидејќи нивниот криминал, корупција и непотизам се толку очигледни, ние сме виновниците. Ние и никој друг, затоа што не сакаме да смениме име, да се откажеме од идентитет, да си ликвидираме култура, традиција и историја, оти ако се самоубиеме, ќе видите како Заев и неговите веднаш ќе станат генијални политичари и реформатори, кои од северноцрпнатиот обезличен протекторат веднаш Норвешка прават. А толку малку треба, влегуваме во ЕУ и Заев веднаш Улоф Палме станува. Ама не, ние небањатите жмрооњи не им дозволуваме да станат богати, паметни и убави. Затоа нѐ мразат. Од дното на своите џебови полни грантови.