Шкотскиот првак е можен противник на Шкендија во 2. коло од квалификациите за Лигата на шампионите, ако во првото коло Шкендија го елиминира Номе Калју, а Селтик биде поуспешен од Сараево

Шкотскиот првак Селтик може да биде деветтиот некогашен европски првак што ќе гостува во Македонија и шести со кој би играл некој македонски клуб во европските купови, откако ждрепката во Европската фудбалска унија (УЕФА) го одреди за можен противник на Шкендија во 2. коло од квалификациите за пласман во Лигата на шампионите.

За Селтик да гостува треба во 1. коло Шкендија да го елиминира естонскиот Номе Калју, а Селтик да биде подобар од првакот на БиХ, Сараево, за кој настапува македонскиот репрезентативец Крсте Велковски. Шкендија во европските купови досега еднаш играла со тим од Шкотска, во 2015 година против Абердин, а ниту еднаш со екипа од БиХ.
Првото коло од квалификациите за ЛШ се игра на 9 и на 16 јули, првите дуели од 2. коло се предвидени за 23/24 јули, а реваншите седум дена подоцна.
Селтик беше континентален првак во 1967 година. Шкендија играше со седумкратниот европски шампион Милан, во 2017 година, во плејофот за пласман во Лига Европа. Од другите европски прваци, претходно во Скопје гостуваа Порто (против Вардар), Стеауа, сега ФЦСБ (играше со Слога Југомагнат и со Вардар), Ливерпул (против Работнички) и Хамбургер (против Победа). Во Скопје гостуваа и Манчестер јунајтед и Реал Мадрид, но во меч од Суперкупот на УЕФА, во 2017 година, а Црвена звезда, пак, гостувала во првенството на некогашна СФРЈ.

Во квалификациите за Лига Европа, во првото коло (11 и 18 јули) Академија Пандев игра со Зрињски (БиХ), Македонија ЃП треба да се сретне со Алашкерт (Ерменија), а Шкупи со Пјуник (Ерменија). Во второто коло, пак, според вчерашната ждрепка во УЕФА, можни противници се холандскиот Утрехт за Академија Пандев (прво на гости), чешкиот Јаблонец за Шкупи (прво на гости) и романскиот ФЦСБ (порано Стеауа) или молдавскиот Милсами за Македонија ЃП (прво дома). Мечевите од второто коло се предвидени за 25 јули и за 1 август.