Новогодишните празници се време што со најголемо задоволство го поминуваме во удобноста на домот и со семејството. Нѐ обзема празнична еуфорија и едвај чекаме својот дом да го украсиме во знакот на празниците. Централното место секогаш го има новогодишната елка и затоа ќе ви понудиме неколку совети на кои треба да обрнете внимание.

Прво на што треба да обрнете внимание е висината на новогодишната елка. Сами ја одредувате висината на елката во зависност од големината на вашиот дневен простор, така што не треба да биде преголема, но доволно голема за да биде во прв план кока ќе влезете во просторијата.

Следно на што треба да обрнете внимание е бојата на елката. Најдобар избор е традиционално зелената боја, но доколку сакате да експериментирате со боите можете да изберете бела, сина или црвена елка.

Според бојата на елката и бојата што преовладува во вашата соба, изберете ги и боите на новогодишните украси за елката. За елката да изгледа елегантно држете се до правилото – најмногу три бои.

За вашата елка да изгледа совршено посебно треба да внимавате на распоредот на украсите. Прво се ставаат лампионите, од врвот кон дното на елката, а потоа се ставаат украсните ленти, панделки, бисери и на крајот поединечните украси.
За елката да биде рамномерно украсена ве советуваме прво да ја китите внатрешноста, а потоа надворешните делови.

Разделете ги новогодишните украси по боја и ставајте ја секоја боја посебно, бидејќи на тој начин ќе избегнете концентрирање на повеќе истобојни лампиони на едно место.

Големината на украсите им го одредува местото на елката. Поголемите новогодишни украси се ставаат на долните гранки на елката, а како што одите кон врвот украсите треба да бидат помали.

На врвовите на гранките можете да ставите украсни машнички, а за врвот на елката изберете посебен украс бидејќи врвот е посебно место. Малите детали прават елката да изгледа како од бајка. Кога ќе завршите со украсувањето ви останува само да ги вклучите светилките, удобно да се сместите во фотелјата и да уживате во празничната атмосфера.