Новиот црномурест Германец

Миграциската криза и сите негативни рецидиви од таквата политика може да бидат надминати со решавање на изворот на тие проблеми. А тоа е обезбедување основни услови за живот и почитување на универзалното човеково право на безбедност, храна и пивка вода на сите луѓе во светот

Мигрантската криза во Европа е веќе апсолвирана и дегутантна тема, но интересни и актуелни се производите што ги создаде таа. Не е тајна дека мигрантската криза значително влијаеше на демографските биланси на европските држави, како и на новите предизвици со кои се соочуваат земјите домаќини.

Па, така, гледано низ призма на парите, значителен дел од домашните буџети се одлева за потребите на новите граѓани. Од друга страна, пак, големите европски држави, како што е Германија, која се соочува со недостиг од младо работоспособно население, мигрантската криза ја искористи за пополнување на вакуумот од недостиг од младо работоспособно население, како и население што ќе извршува работни задачи што не би сакале да ги работат младите „ариевци“. Во тој циклус се најдоа и младите луѓе од балканските простори, и тоа во форма на медицински персонал (кој најчесто се грижи за здравјето на овие лица), стручен и занаетчиски профил на луѓе што се грижат за беспрекорно функционирање на миграциската заедница во рамките на овие општества. Истовремено, како политички рецидив на ваквата промигрантска политика се појавија услови за билдање на рејтингот на ултрадесничарските партии во поголем дел од европските држави. Тоа придонесе за зголемување и негување на радикалниот национализам, а поделеноста на земјите во ЕУ е како никогаш досега.

Несомнено е дека политиката на отворени врати за мигрантите се водеше во обланда на хуманизам и филантропија, но суровата реалност е дека се водеше поради лукративни причини, односно поради стареењето на Европа. Исто како што антимиграциската политика во Италија беше доведена до ниво на национална хистерија, иако во заднината на таквата политика беше вртење на дел од европските држави кон себе и создавање уникатна национална политика.

Според Даниел Грос, директор на Центарот за европски политички студии во Брисел, антимиграциската политика создаде некоја нова политика и нови вредности во Германија. Според Грос, не е само економијата причина за „црномурестиот типичен Германец“. Причините за тоа лежат и во биолошките закони што владеат во модерните општества со големи економски апетити. Имено, според него, западниот дел од државата е понапреден и најголем дел од цивилизираното население во потрага по кариера и пари мигрираше таму, а, аналогно на тоа, истите тие држат до немешање на „лозата“. Истовремено, во источниот дел од земјата остана да живее социјално понискиот сталеж (термин без предрасуди), каде што е поголем дел и од новопристигнатите мигранти од Блискиот Исток. Исконската парадигма на заштита на „волчиците“ од својата територија предизвика пораст на национализмот кај локалното население, што значи и опаѓање на традиционалната поддршка што ја имаше Ангела Меркел во крајот од каде што потекнува таа. Според Грос, природно е да дојде до мешање на мигрантите и ариевците и создавање на новиот црномурест Германец.

Поимањето на миграцискиот балон е параван за креирањето на новата Европа. Зашто ребрендирањето на Европската Унија е веќе нужно за опстанок на големите и стари држави. Унијата има сопствени центри на моќ што се соочуваат со делегитимирање во овие новонастанати услови. Како што споменав, миграцијата веќе не е жешкиот костен, туку нуспроизводите од неа. И во иднина политичката десница постепено ќе ја запоседнува политичката власт во државите, а тоа, пак, ќе придонесе до криза на идентитетот на мултиетничките општества. Особено во државите што некогаш биле колонизатори. Бидејќи токму таму поради криза на идентитет ќе се поларизираат етничките заедници, затоа што најголем дел од новата миграција потекнува токму од земјите што некогаш биле колонии, а истите тие нема да имаат рамноправен статус. За таа цел излезот ќе се бара во силни европски институции (кои, за жал, се во опаѓање), а ќе имаат за цел да го премостат овој цивилизациски пораст.

Во меѓувреме, Доналд Трамп се залага за доминација на Америка на меѓународната политичка сцена (без употреба на воена сила) заради зачувување на националните интереси, додека, пак, европските лидери се залагаат за проактивна улога на Европа во креирањето на светската политика, прокламирањето на сопствените идеи и создавањето и извозот на култура по сопствен терк, тоа што денес се нарекува западна култура. Наедно се залагаат за ребрендирање на (не)функционалната ОН, каде што мирот ќе се одржува врз база на колективна безбедност, а не како досега врз база на сојузништво.

Моето лично мислење е дека миграциската криза и сите негативни рецидиви од таквата политика може да бидат надминати со решавање на изворот на тие проблеми. А тоа е обезбедување (ако не рамномерна распределба на богатството) основни услови за живот и почитување на универзалното човеково право на безбедност, храна и пивка вода на сите луѓе во светот. Исто како што неодамна претседателот на СЗО објави шокантна вест за тоа дека човештвото е пред голема опасност. Опасност од човековата алчност.