Мислам дека во следните 14 дена сѐ ќе биде познато по ова прашање, ни изјави спортскиот директор на КФМ, Тодор Гечевски, за изборот на нов селектор на машката кошаркарска репрезентација

Преговорите со Октај Махмути се во тек. Мислам дека во следните 14 дена сѐ ќе биде познато по ова прашање, ни изјави околу изборот на нов селектор на машката кошаркарска репрезентација на Македонија, спортскиот директор на Кошаркарската федерација на Македонија, Тодор Гечевски.

Селекторската функција во македонската машка кошаркарска репрезентација е испразнета откако неодамна федерацијата соопшти дека истече договорот со досегашниот селектор, Јорданчо Давитков, кој беше назначен на таа функција пред две години. Махмути, кој е роден во Скопје, а досега, меѓу другите, бил тренер и на Бенетон, Галатасарај, Анадолу Ефес, Дарушафака…, неодамна беше во Скопје, каде што одржа предавање на задолжителниот семинар за кошаркарските тренери што аплицираат за добивање лиценца.

Досега македонската репрезентација ја водеа 13 тренери, Давитков и Марин Докузовски во два наврати, а по еднаш Александар Књазев, Благоја Георгиевски, Стерија Андоновски, Лазар Лечиќ, Заре Марковски, Јовица Арсиќ, Марјан Лазовски, Алеш Пипан, Александар Џикиќ, Марјан Србиновски и Драган Раца.