Новинарството, лажните вести и говорот на омраза

Во далечното минато беше познат изразот „новинарска патка“, кој значеше лажна вест, што беше забранета и осудувана појава. Меѓутоа, при крајот на минатиот и во почетокот на овој век со создавањето на новите држави на балканскиот простор, поради недостиг од регулатива и надзор над Интернет, се овозможи поголемо ширење лажни вести, а со тоа и создавање информативна конфузија. Во овој период во информативните системи на земјите во Европа на пропагандата ѝ се даваше сѐ поголемо значење, а лажните вести стануваа алатка за манипулација на целата јавност преку поединецот консумент. Тоа особено доби глобални димензии во текот на жестоката пропагандна војна за време на кампањата на последните претседателски избори во САД. Феноменот на лажни вести, поради постигнатите „ефекти“ кај читателите, гледачите и слушателите и натаму се шири. И не само тоа. Тие веќе во спрега со говорот на омраза сѐ повеќе станаа локална, но и глобална реалност. Со овој проблем се среќаваат повеќе земји во Европа, САД и други, како и во нашето опкружување и во Македонија. Во тој контекст, преку пласирање лажни информации и вести што немаат никаква врска со вистината, сѐ повеќе доаѓа до насочување на јавното мислење по нечија желба или потреба. Така, од ден на ден лажните вести, дезинформации и шпекулации, клеветења и закани, дискриминација и навреди стануваат наше секојдневие. Притоа, како никого да не го загрижува тоа што најчесто доаѓа до флагрантно кршење на професионалните принципи на јавното информирање и новинарската професија, како и на етичкиот кодекс на новинарите. На тој начин сѐ повеќе се рушат и стандардите за професионално однесување и работење на новинарите и медиумите.

Лажните и тенденциозни вести се честа појава во интернет-порталите и социјалните мрежи во нашата земја, но и во контактните емисии на националните ТВ-медиуми, што станува очигледен проблем на демократските односи во државата. Контактните емисија се убава демократска појава да се слушне гласот на народот за одредени прашања во државата, со ставови и предлози за нивно решавање. Во нив најчесто доаѓаат до израз извесни душегрижници и сезнајковци, кои често со платени политички нарачки тенденциозно дискредитираат одредени организации и личности без одговорност за јавно изнесените тврдења. Очигледно е дека изостанува заштитата на вистината и владеењето на правото, зашто пример треба да бидат земјите од Европската Унија, бидејќи вистината е една и само таа треба да се шири.

Во најстариот дневен весник „Нова Македонија“ често се објавуваат написи и повици против ширењето на лажните вести и говорот на омраза. Деновиве посебно интересирање предизвика освртот дека АРМ води истрага за професионалниот војник креатор на лажните вести. Станува збор за промотор на сајтови за профит во кои се објавуваат расистички, невистинити и незаконски копирани содржини. Во тие рамки и Владата повикува на организиран фронт за борба против ваквите непожелни појави во информирањето. Но, очигледно, нашата држава сѐ уште нема институции што успешно ќе се справуваат со овој проблем, кој му нанесува големи штети на општеството.

Пример за справување со овој проблем е Хрватска, за поддршка на акцискиот план на Европската Унија против дезинформациите се формира и владино тело за брзо справување со лажните вести. Во македонската влада се најавува преземање иницијатива за координирано справување со феноменот на лажните вести.

И за Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија имаше појави на недобронамерно и тенденциозно ширење лажни вести со говор на омраза, но благодарение на децениското точно, објективно и благовремено информирање, преку бесплатниот весник „Пензионер плус“, прилогот „Пензионерски видици“ во весникот „Нова Македонија“, страницата за пензионерите на албански јазик во весникот „Коха“ и веб-страницата на СЗПМ, како и со учество во националните и локалните медиуми, тие беа успешно демантирани. Самото тоа што во овие гласила постојано се ширеше вистината за активностите на оваа масовна граѓанска организација, со 267.000 пензионери, очигледно придонесуваше полесно да се идентификуваат лажните вести.

Во целина, пензионерите главно успешно реагираат, критикувајќи ги носителите на лагите и измислиците како негативни појави.

Некогашните истакнати професионални новинари и медиумски експерти, сега пензионери, за феноменот на лажните вести укажуваат дека својата кариера ја градеа со ширење на вистината, на проверени факти и запазување на законската пресумција на невиност. Ги градеа етиката и естетиката на професијата. Затоа имаат видлива вроденост против лажните вести и говорот на омраза како ерозија на новинарството што се против општочовечките и државните интереси. Тие сметаат дека поради тоа и во нашата земја што поскоро треба да се донесе закон за нивна забрана. Иако во Кривичниот законик има одредби за казнување говор на омраза, ретко може да се забележи дека некој е санкциониран.

Во меѓувреме за овој проблем се изјасни и Меѓународната асоцијација на новинари (ИФЈ), со објавување на декларацијата како стандард за професионално новинарско однесување. Од голем број истакнати новинари се прифатени следните заложби:
1. Почит кон вистината и кон правото на јавноста да ја знае вистината е првата должност на новинарот.
2. Во остварувањето на оваа должност, новинарот постојано треба да ги брани принципите на слободата при чесното собирање и објавување вести, како и правото на фер коментар и критика.
3. Новинарот треба да објавува текстови само во согласност со фактите на кои тој им го знае потеклото. Новинарот не смее да ги прикрива клучните информации или да фалсификува документи.
4. Новинарот треба да користи само фер методи за собирање вести, фотографии и документи.
5. Новинарот треба да стори сѐ што може за да ја исправи секоја објавена информација за која ќе биде утврдено дека е погрешна и може да предизвика штета.
6. Новинарот треба да ја почитува професионалната тајност во однос на изворот на информацијата добиена во доверба.
7. Новинарот треба да предупреди на опасноста од дискриминација промовирана од медиумите и да стори сѐ за да избегне помагање дискриминации врз основа на, меѓу другото, раса, пол, сексуална ориентација, јазик, религија, политички или друг став и национално и општествено потекло.
8. Новинарот треба да ги смета за тешки професионални прекршоци следните дејства: плагијаторство, злонамерно погрешно толкување, клеветење, лажно обвинување, неосновани обвинувања, прифаќање поткуп во каква било форма во однос на објавување или необјавување информација.
9. Совесните новинари треба да ја исполнат својата должност за чесно почитување на горенаведените принципи. Во рамките на општите закони на секоја земја, новинарот треба да ја признае само јурисдикцијата на колегите кога станува збор за професионалните работи, без какво било мешање на владите или другите институции.

Во тој контекст, Институтот за комуникациски студии (ИКС) подготви серија обуки и дебати против феноменот на лажните вести. Активностите имаат цел да поттикнат критичко размислување и да ја издигнат свеста за штетата што лажните вести, манипулациите и дезинформациите му ја нанесуваат на целото општество. Проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – справување со лажните вести“, финансиран од Европската Унија, го реализираат Македонскиот институт за медиуми, ИКС, Синдикатот на новинари и медиумски работници и Институтот за различности во медиумите од Лондон.

Во оваа пригода да се потсетиме на една генијална мудрост на познатиот научник Никола Тесла: „Омразите претворени во електрична енергија би можеле да осветлуваат градови и градови“.

Заклучокот е дека сите медиуми и новинари треба целосно да бидат против лажните вести и говорот на омраза, да ги почитуваат и поттикнуваат вистината, човечноста, довербата, добрата желба, соживотот и меѓусебното разбирање. Секако, притоа, неопходно е и преземање одговорност за јавно искажаниот збор и одредување санкции од одредени институции формирани за оваа намена.

Авторот е претседател на СЗПМ, новинар и публицист

[email protected]