Потврда дека се снима серија што ќе даде увид во она што ѝ претходело на приказната, раскажана во „Игра на троновите“, стигна од писателот Џорџ Р.Р. Мартин.
Авторот на романот позитивно реагирал на веста дека едната од главните улоги ѝ е доверена на глумицата Наоми Вотс и открил дека новата серија ќе се вика „Долга ноќ“.

– Во моментот се работи на изборот на главниот глумец за „Долга ноќ“. Признавам, пресреќен сум, добре дојде во Вестерос, Наоми – напишал Мартин на социјалната мрежа Твитер.

Во новата серија ќе биде детално објаснето како светот потонал во темнина по просперитетниот период на хероите, пренесе „Индипендент“.

Наоми ќе толкува лик на „харизматична миленичка на општеството што крие мрачна тајна“. Иако сѐ уште не е откриено како таа ќе се вика во серијата, јасно е дека и „Долга ноќ“, како и „Игра на троновите“ ќе се базира на актерската екипа, што го потврди и директорот на ХБО, Кејси Блојс.

Откриено е и дека дејството во серијата ќе се одвива 1.000 години пред она во „Игра на троновите“. Серијата почна да се емитува во 2011 година, а наредната 2019-та е закажано прикажувањето на осмиот, последен серијал.

Наоми Вотс на малите екрани последен пат ја видовме во серијата „Џипси“, која, за жал, не заживеа, а на големото платно играше во филмот „Офелија“.