Договорот помеѓу САД и СССР (и неговиот наследник Русија) наметнува ограничувања на деструктивната нуклеарна моќ што Москва може да ја насочи кон европските членки на НАТО, исто како и на силата со која Западот би можел да ѝ се закани на Русија. Но сега, откако САД го суспендираа договор, распространувањето на ова оружје, како и поголема нестабилност во Европа повторно се во игра, анализира американски Стратфор

Студената војна заврши во Европа пред речиси три децении, но многумина на континентот не се пресреќни за крајот на едно од последните обележја на таа битка – Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ). Договорот помеѓу САД и Советскиот Сојуз (и неговиот наследник Русија) наметнува ограничувања на деструктивната нуклеарна моќ што Москва може да ја насочи кон европските членки на НАТО, исто како и на силата со која Западот би можел да и се закани на Русија. Но сега, откако САД го суспендираа договор, распространувањето на ова оружје, како и поголема нестабилност во Европа повторно се во игра.

Договорот беше билатерална обврска помеѓу САД и Русија за ограничување на копнените проектили со дострел помеѓу 500 и 5.500 километри, дострел што ја става цела Европа во опасност, но кој не претставува голема закана за САД или за делот на Русија источно од Урал. Покрај тоа, со претходниот договор САЛТ, кој воведе ограничувања на бројот на интерконтиненталните балистички проектили (ИЦБМ) што САД или Русија може да ги поседуваат, не беа опфатени новите руски нуклеарни проектили СС-20. Како резултат на тоа, овие проектили со среден дострел претставуваа дополнителна нуклеарна закана речиси ексклузивно за Европа, покрај ИЦБМ што Русија би можела да ги распореди и против САД и против Европа.

По крајот на Студената војна и со појавувањето на други предизвици, Договорот ИНФ постепено ја загуби релевантноста, па дури и стана товар за САД и за Русија. Поради причини кои во најголем дел не се поврзани со Европа, и двете земји го предизвикаа договорот на најразлични начини, што на крајот доведе до неодамнешното американско формално суспендирање на спогодбата. Една од причините за нестабилноста на оваа рамка за стратегиско оружје е технолошкиот напредок, кој резултираше со развој на технологии за ракетна одбрана или, на пример, хиперсоничните носачи на проектили. Друга причина е големата промена на глобалната сцена, кога станува збор за нуклеарните капацитети. Споменатите договори единствено ги вклучуваа САД и Русија, поради нивните главни улоги во Студената војна, но оттогаш Кина стана значајна нуклеарна сила. Поради тоа што никогаш не беше потписник на Договорот ИНФ, Кина можеше да распореди колку што сака проектили со среден дострел.

Во Европа, ситуацијата се смени драматично по крајот на Студената војна кога Договорот ИНФ стапи во сила, но неговото поништување и натаму ќе има големо влијание врз континентот. За почеток, линијата на поделба помеѓу НАТО, Русија и нивните сојузници се помести околу илјада километри кон исток, поради распадот на Советскиот сојуз и ширењето на Алијансата што следуваше потоа. Покрај тоа, двете страни не натрупаа воени сили по должината на линијата на поделба како што направија во текот на Студената војна.

Во однос на нуклеарната рамнотежа во Европа, Русија сепак не е целосно необврзана само затоа што пропадна Договорот ИНФ. Москва и натаму е обврзана со договорот Нов СТАРТ, кој го ограничува и бројот на платформи за испорачување (ИЦБМ, тешки бомбардери) и бројот на нуклеарни боеви глави што двете страни може да ги поседуваат во своите арсенали. Со договорот Нов СТАРТ исто така им се гарантираат на САД и Русија широки права за инспекција на меѓусебните нуклеарни арсенали, што значи дека Вашингтон најверојатно ќе го забележи секој обид на Москва за распоредување на нови проектили со среден дострел, како дел од својата нуклеарна стратегија во Европа.

Пропаѓањето на Нов СТАРТ ќе стави крај на сите ограничувања за бројот на нуклеарни боеви глави што Русија може да ги поседува, овозможувајќи и на Москва брзо зајакнување на својот арсенал на проектили со среден дострел насочени кон Европа, во исто време кога може да го одржи својот нуклеарен притисок врз САД преку својот арсенал на ИЦБМ. Дури и да не пропадне Нов СТАРТ, Русија би можела повторно да ги распореди своите боеви глави преку развојот на нови технологии на стратегиско оружје, како што е руското хиперсонично летало „авангард“.

И додека безбедносната ситуација се менува во Европа, многумина во западниот дел на континентот нема особено да бидат расположени од идејата да бидат домаќини на нуклеарни проектили, бидејќи тоа е непопуларно кај гласачите и поради тоа што би можело да го направи регионот поголема цел за Москва. Поновите членки на НАТО во Источна Европа сепак повеќе се загрижени за руската воена закана на нивните граници, што значи дека тие најверојатно повеќе ќе го поздрават распоредувањето на американските системи за одвраќање на нивна територија. На пример, Полска и Романија, кои веќе се домаќини на некои елементи од американскиот антиракетен систем како што е универзалниот копнен систем за лансирање Мк-41, може да бидат главни кандидати за распоредување. Токму овие претходни распоредувања на проектили придонесоа за руската одлука за прекинување на почитувањето на Договорот ИНФ, бидејќи американските системи за лансирање теоретски може да истрелаат поморски крстосувачки проектили „томахавк“ (чиј дострел беше забранет со Договорот ИНФ) од копнени лансери.

Првичната загриженост на Европа по пропаѓањето на Договорот ИНФ – дека САД би можеле повторно да распоредат нуклеарни проектили во Европа – можеби е претерана, но со оглед на изгледите дека рамката за стабилност на стратегиското оружје може дополнително да се распаѓа, таквото распоредување не е целосно исклучено. Како и да е, САД и нивните европски сојузници најверојатно ќе настапуваат внимателно, ако се земе предвид фактот дека таквите чекори неизбежно ќе предизвикаат руска реакција.

Михаил Горбачов и Роналд Реган