Фото: Маја Јаневска-Илиева

Светскиот ден на литературата за деца беше одбележан со промоција на книгата „Татковината во детските срца“ на Марија Таушанска Анастасовска, новинарка во „Нова Македонија“ и уредничка на „Колибри“, што се одржа во домот на културата „Кочо Рацин“, како заеднички проект на „Колибри“, прилог за деца во весникот и ООУ „Јан Амос Коменски“. Книгата излезе во издание на НИК „Нова принт“, а насловната фотографија е на Маја Јаневска-Илиева, фоторепортерка во нашиот весник.
Промотори на книгата беа поетот Филип Димкоски, Јованка Христовска од домот „Кочо Рацин“ и Татијана Гоговска, комуниколог и авторка за деца.

Книгата „Татковината во детските срца“, покрај поезија што ја слави детската љубов кон татковината, содржи и цртежи на деца и фотографии на поетесата Александра Донева, што беа изложени во просторијата каде што се случуваше промоцијата. Книгата исто така содржи и мислења на Елизабета Ивановиќ, психолог, и Роза Василевска, одделенска наставничка во ООУ „Јан Амос Коменски“.
Гости на промоцијата, покрај учениците од ООУ „Јан Амос Коменски“, кои дадоа искрени одговори на прашањето „Што е татковина?“, беа и голем број писатели за деца, меѓу кои беа Васил Мукаетов, Перо Миленковски, вториот уредник на „Колибри“, како и младиот талентиран гајдаџија Филип Атанаскоски и членовите на хорот „Златно славејче“, кои ја воодушевија публиката со своите изведби.

– Одговорите на учениците на прашањето што претставува за нив татковина, се искрени, со избрани зборови, извираат директно од детските срца. Токму таа нивна чиста мисла и љубов ме поттикнаа овој проект да добие една своја целина, со учество на познати писатели за деца, но и на оние што допрва ја почнуваат својата писателска кариера и потрага по вистинските зборови и, на моја голема радост, сите веднаш и со огромно задоволство прифатија да учествуваат со свои песни за татковината. Се надевам дека во овие чудни времиња мудрата детска мисла за татковината и сите стихови на нашите писатели за деца што ја опеваат нашата лулка, дом, сегашност и иднина, ќе придонесат уште долго татковината да има важно место во срцата на денешните ученици, но и на оние што ќе седнат во училишните клупи по нив. Ќе ми биде многу драго доколку со овие размислувања, стихови и рими дадеме мал придонес почесто да се размислува позитивно за татковината и за она што таа ни го дава и овозможува, и начинот на кој ние ѝ возвраќаме – рече Марија Таушанска Анастасовска на промоцијата.

irma.r@[email protected]