Новата мека моќ на Америка

Меката моќ како феномен е повторно актуелна на светската политичка сцена. Примената на меката моќ во денешно време е од потребата за реализација на политичките и воените цели со минимум жртви, ресурси и потреби. Во минатото меката моќ се користела како вештина во традиционални општествени рамки, додека денес нејзината примена има доктринарен научен пристап. Џозеф Нај е еден од основоположниците што ја детерминираат меката моќ како исклучително важна во креирање на новиот геополитички амбиент. Ако нуклеарното вооружување како инструмент на тврдата моќ го обележи минатото столетие, тогаш меката моќ е клучно оружје на 21 век. Е, сега, што претставува меката моќ за да им биде појасно на читателите.

Тоа претставува начин на постигнување на целта без употреба на воена сила. Тоа претставува најкратка општа дефиниција за тоа што претставува меката моќ. За илустрација ќе дадам еден пример. Кога САД сакале да влијаат на иранското општество, тие одлучиле да отворат едно радио (радио Сава), а програмата била типична за иранското општество, малку фолклор, традиционална музика, верско учење, новини од регионот, технолошки напредок на човештвото, а за крај во доцните ноќни часови музика од Западот. Каде е сега меката моќ? Меката моќ е во креирањето поинакво мислење на младите Иранци за западниот свет.

Тоа го постигнувале благодарение на музиката во доцните ноќни часови, токму кога аудиториумот е помладата популација. Целта е да се креира поинаков пристап до оваа популација, кој би се рефлектирал подоцна, кога тие ќе бидат возрасни луѓе и чинители во општеството. Според Џозеф Нај, професор на Харвард и основоположник на меката моќ и јавната дипломатија, доаѓањето на Трамп на чело на САД е обележено со анулирање на меката моќ и фаворизирање на тврдата моќ. Тоа го аргументира со прекинот на нуклеарниот договор со Иран и милитарната надворешна политика на државата, особено околу случувањата во Сирија и Корејскиот Полуостров. Пред да продолжам, би потсетил за надворешната политика водена од неговиот претходник Обама, односно политичкиот двоец Обама – Хилари.

Имено, не треба да се заборави војната во Авганистан околу ветувањето за повлекување на воените трупи или, пак, чудното креирање и одржување на ИСИЛ како феномен на новото време. Во време кога се згрозуваме од „зелените војници“ во Крим, остануваме рамнодушни кон варварството на ИСИЛ, кои, патем, не војуваа со мачети туку со цели воени формации вооружени со оклопни возила, артилерија и современи ПВО-системи. Сметам дека навидум тврдата моќ на Трамп всушност претставува мека моќ. Односно сметам дека ѕвечкањето со оружје е мека моќ за друга целна група. Испраќањето на американската војска на мексиканската граница ги има сите елементи на тврда моќ, но доколку целната група се емигрантите што доаѓаат од Мексико. Но доколку е пораката испратена до властите во Калифорнија, тогаш веќе тврдата моќ не е тврда.

Да потсетам дека властодршците во Калифорнија се нарекуваат себеси американска Каталонија. Секако дека тоа не претставува мека моќ, но не претставува ниту тврда моќ. Можеби е време за Џозеф Нај да го терминира овој нов хибрид. Ајде да говориме за лажните вести, кои беа актуелни за време на изборите во 2016 година. Изборите завршија, но дали запреа лажните вести? Секако дека не, никој не би се откажал од инструмент што му нуди предност. Социјалните мрежи како медиум се најдобриот пример за примената на меката моќ директно до целната група. Ќе наведам еден пример, Трамп, и покрај тоа што ја темелеше својата предизборна кампања на национализам, шовинизам, па дури во голема мера и расизам (тоа во САД е како да говориш за фашизам во Европа), тој преку социјалните медиуми директно се обраќаше до афроамериканската популација со слоганот „гласајте за мене, секако нема што да изгубите“. И знаете што, голем број од поддршката доби токму од оваа популација, колку и да звучи чудно.

Во моето истражување за влијанието на лажните вести дојдов до импозантни бројки на Латиноамериканци и Афроамериканци што му ја дадоа поддршката иако неговата кампања се темелеше на нивно протерување и „ставање во ред за чекање наспроти белите Амери“. Тоа се должеше делумно поради сатанизирањето на неговиот противкандидат, но и поради разумни решенија за враќање на средната класа и ставање акцент на индустријалците и фабриките. Оваа целна група ја победи со микроекономија. Толку околу лажните вести. Професорот Нај во својата колумна кога говори за културата пред сѐ мисли на американската култура. Го потсетувам дека во блиското минато токму извозот на демократија (како елемент на мека и тврда моќ) претставува најголемата грешка на Западот. Тука пред сѐ мислам на САД. Извозот на демократија и инстантно етаблирање прозападни влади го зголеми отпорот на земјите домаќини на увезената демократија.

Најдобар пример за ова е Јапонија. И покрај традиционалните политички економски и воени врски со САД, Јапонците не попримиле ништо од западниот свет. Една анегдота вели дека единствено вратоврските ги примиле, и тоа затоа што немаат димензии. Во делот каде што Нај вели дека САД како демократска држава имаат многу актери што ги преземаат улогата и бенефициите од демократија и на кои нема влијание актуелната влада (во кое било време на владеење) се многубројните организации, невладини, културни, научни и други слични институции што имаат сопствен простор за дејствување и креирање микро и макрополитика. Апсолутно се согласувам дека тоа се најголемите бенефиции на демократијата и дека овие актери добиваат сѐ повеќе на геополитичка тежина, особено кога во фокусот се горливи проблеми, чие нерешавање може да има катастрофални последици.

Но, сепак, не се согласувам дека администрацијата на Трамп ги уништила предностите на меката моќ. Повеќе би размислувал дека неговите претходници ја злоупотребиле меката моќ, затоа што употребата на меката моќ во сопствени цели нема никаква цивилизациска добросостојба. Единствено за оној што ја користи и сето тоа во иднина би можело да предизвика дополнителни горливи и хронични прашања за кои можеби ќе биде неопходно од користење тврда моќ. Сметам дека Трамповата луцидна примена на мека моќ ќе придонесе многу повеќе од „хуманата“ мека моќ на неговите претходници.